COBISS - Кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси
Вовед
Знаењето е движечка сила на развојот. Библиотеките се како капилари кои во секоја ќелија на општеството донесуваат знаење, а нивна задача е и евидентирањето на резултатите од „интелектуалната продукција“. Тие обично се оној елемент на информациското општество со кое луѓето најпрво се сретнуваат, и тоа во најголем обем. Но, не можат да ја преземат својата улога доколку нивното функционирање не е поддржано со современата информациска и комуникациска технологија.
За информациското општество, кое поддржува развој заснован врз знаење, библиотечно-информациските системи и информациските системи за истражувачката дејност претставуваат посебно значајна инфраструктура без која не може да се замислат современото школство и истражување, ниту културниот, технолошкиот и стопанскиот развој. Библиотеките не можат успешно да функционираат како осамени острови, туку, следејќи го знаењето и културата, мораат да се поврзуваат и на тој начин да обезбедуваат услови за дијалог и соработка како најдобра основа за развој на секоја држава и на меѓународната заедница во целост.
Развој на системот COBISS
Заедницата на југословенските национални библиотеки на некогашна Југославија во 1987 година го прифати системот на заемна каталогизација како заедничка основа на библиотечно-информацискиот систем и системот на научни и технолошки информации на Југославија, а улогата на информациски и библиографски сервис, и воедно носител на развојот на организациските решенија и програмската поддршка, ја презеде Институтот за информациски науки (ИЗУМ) од Марибор (Словенија). До распаѓањето на Југославија во 1991 година, во системот учествуваа 55 библиотеки од сите нејзини некогашни републики.
Во 1991 година ИЗУМ го промовираше системот COBISS (Кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси) како надградба на системот за заемна каталогизација. Тогаш се започна со користење на истиот акроним и за соодветната програмска поддршка. Библиотеките надвор од Словенија потоа истапија од заедничкиот систем на заемна каталогизација, но постепено скоро сите ја обновија соработката со ИЗУМ и денес, во своите држави, воспоставуваат автономни библиотечно-информациски системи врз платформата COBISS.
COBISS претставува организациски модел на поврзување на библиотеките во библиотечно-информациски систем со заемна каталогизација, заемна библиографско-каталошка база на податоци COBIB и локални бази на податоци на библиотеките учеснички, база на податоци за библиотеките COLIB, нормативна база на податоци CONOR, како и бројни други функции. Стручните основи и технолошките претпоставки за функционирање на системот се:
- стандардизирана и заемна обработка на библиотечната граѓа и уедначено водење на каталозите и библиографиите,
- соодветна оспособеност на стручните работници за заемна каталогизација,
- компјутерска и комуникациска поврзаност на библиотеките.
COBISS2 и COBISS3 се две генерации на програмската поддршка COBISS за автоматизација на библиотечното работење и пристап до различни бази на податоци на Интернет. Програмската поддршка, која ја развива и ја одржува ИЗУМ, поддржува различни функции на библиотеките и библиотечно-информациските сервиси со можност за избор на кориснички интерфејси на повеќе јазици (словенечки, српски, босански, македонски и англиски). Во тек е преведувањето на корисничкиот интерфејс и на прирачниците на бугарски и на албански јазик.
COBISS.SI, COBISS.BH, COBISS.MK, COBISS.SR и COBISS.CG се ознаки за автономните библиотечно-информациски системи кои се воспоставуваат во поодделни држави (Словенија, Босна и Херцеговина, Македонија, Србија и Црна Гора) со сопствени заемни бази на податоци (COBIB.SI, COBIB.BH, COBIB.MK, COBIB.SR, COBIB.CG). Во рамките на наведените системи, во автоматизираното работење програмската поддршка COBISS денес ја користат над 500 библиотеки.
COBISS.Net е назив на мрежата која меѓусебно ги поврзува автономните
(национални) библиотечно-информациски системи COBISS на различните држави и нивните информациски
системи за истражувачка дејност. Програмската поддршка COBISS технички го овозможува преземањето
на записите од која било заемна база на податоци COBIB, од каталогот OCLC (WorldCat) и од другите
бази на податоци. Спогодбата за
воспоставување на мрежата COBISS.Net и слободниот проток на библиографските
записи коишто се создаваат во автономните библиотечно-информaциски системи на
Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Словенија и Србија, беше потпишана
во Белград во февруари 2003 година, а во ноември 2006 година спогодбата ја потпиша и
националната библиотека на Бугарија.

Организациски модел на системот COBISS
Библиотечно-информацискиот систем врз платформата COBISS заеднички го обликуваат библиотечно-информацискиот сервис и библиотеките кои учествуваат во системот на заемна каталогизација.
Библиотечно-информацискиот сервис (национален COBISS-центар) е институција чии основни задачи се:
- планирање и усогласување на активностите во врска со компјутерското поврзување на библиотеките,
- обезбедување и одржување на заедничките компјутерски и комуникациски капацитети за работа на системот и централните сервиси,
- обезбедување на програмската поддршка COBISS и корисничката документација за заемна каталогизација, за локално библиотечно работење и за други сервиси,
- управување со заемната база на податоци COBIB,
- стручна помош на библиотеките при набавка, инсталирање и одржување на компјутерската опрема,
- организирање на обука и стручна помош на библиотеките и другите корисници на програмската поддршка и сервисот COBISS,
- стручна помош на библиотеките при конверзија и пренос на податоци од други системи,
- утврдување на оспособеноста на стручните библиотечни работници за учество во заемната каталогизација (во соработка со националната библиотека),
- организирање пристап до странски информациски сервиси и бази на податоци врз основа на конзорциски договори.
Основач на библиотечно-информацискиот сервис може да биде владата на заинтересираната држава или заинтересираните библиотеки.
Библиотеките, во рамките на библиотечно-информацискиот систем на платформата COBISS, можат да имаат еден од следниве статуси:
- статус на национална членка има националната библиотека која активно учествува во системот на заемна каталогизација и извршува посебни задачи, на пр.: каталогизација на националната продукција, образование на библиотекарите, проверка на оспособеноста на креаторите на записите (каталогизаторите), следење на квалитетот на обработката на граѓата итн.,
- полноправни членки се библиотеките кои активно учествуваат во системот на заемна каталогизација и кои можат да внесуваат записи во заемната база на податоци врз основа на претходна верификација за оспособеност на нивните каталогизатори. Сè додека каталогизаторите не поседуваат соодветна лиценца не можат да внесуваат записи во заемната база на податоци, но можат од таа база да преземаат записи и да ги зачувуваат во своите локални бази на податоци.
Со цел разгледување на прашањата во врска со развојот и дејствувањето на националните библиотечно-информациски системи на платформата COBISS по правило се формираат Совети на членките на COBISS составени од претставници од различните групи библиотеки (национална, народни, високошколски, специјални, школски), според критериумот на вкупно внесени записи во заемната база на податоци COBIB.
Врз основа на потпишан договор, библиотеките на националниот библиотечно-информациски сервис за неговите основни услуги му плаќаат годишна членарина, ако тоа не е поинаку уредено. Во Словенија дејноста на библиотечно-информацискиот сервис во системот COBISS.SI скоро во целост го финансира Агенцијата за истражувачка дејност на Република Словенија.
ИЗУМ ги развива и ги одржува стандардите и програмската поддршка COBISS, а за потребите на словенечките библиотеки и крајните корисници исто така ги изведува задачите на национален библиотечно-информациски сервис.
ИЗУМ соработува со библиотечно-информациските сервиси и библиотеки надвор од Словенија врз основа на рамковни договори за користење на програмската поддршка COBISS за автоматизација на библиотечните функции, како и врз основа на меѓународни спогодби за научна и технолошка соработка.
По правило, еднаш годишно ИЗУМ организира меѓународна конференција COBISS, со цел да ги претстави достигнувањата, проблемите и развојните планови. На конференцијата редовно учествуваат признати странски стручњаци кои во своите излагања ги претставуваат најзначајните современи трендови во библиотечната и информациската дејност, притоа вреднувајќи ги имплементираните и предвидени решенија во системот COBISS.
Технолошка платформа на системот COBISS
Архитектурата на системот COBISS ИЗУМ ја постави во 1987 година, кога беше избрана и технолошката платформа (компјутерски системи VAX/VMS во мрежата DECNET со терминалски пристап и програмски јазици COBOL, Basic и Macro). Потоа следеше воведување на нови технологии (Интернет, сервери AlphaServer и HP Itanium, OpenVMS, TCP/IP, C Visual Basic, Delphi...), како и развој на разни производи и сервиси. На наведената технолошка платформа функционира втората генерација на апликативната програмска поддршка (COBISS2), која ги вклучува сегментите COBISS2/Каталогизација, COBISS2/Исписи, COBISS2/Зајмување и COBISS/OPAC.
Одделна библиотека може својата база податоци (каталогот) да ја има на сопствен сервер (HP AlphaServer или HP Itanium), на сервер во некоја од поголемите библиотеки или на сервер во организацијата која врши функција на библиотечно-информациски сервис.
Во случај на заемна каталогизација и локални апликации COBISS2, за пристап до серверот се користат персонални компјутери (PC) со оперативен систем Windows или (како исклучоци и до денес) VT-терминали. Програмската поддршка COBISS поддржува избрани типови печатачи.
Со користење на мрежен прелистувач (browser) може да се пристапи до сите бази на податоци во системот COBISS, и тоа преку серверот за COBISS/OPAC во организацијата која ја врши функцијата на библиотечно-информациски сервис.
Во 1997 година започна развојот на третата генерација на апликативната програмска поддршка (COBISS3) врз нова технолошка платформа (програмски јазик Java на оперативен систем Windows, Linux, Solaris или HP-UX, база на податоци ObjectStore). Со оглед дека искуството покажа дека развојот на системот за управување со базите на податоци ObjectStore не ги исполни очекувањата, во тек е преод на база на податоци ORACLE. Архитектурните карактеристики на програмската поддршка COBISS3 се:
- графички кориснички интерфејси,
- одвојување на податоците за состојбата на фондот од библиографскиот запис, со самото тоа одвојување на сегментот COBISS2/Каталогизација од локалните апликации за следење на набавката на библиотечната граѓа и контролата на пристигање на сериските публикации,
- пренесување на овластувањата за управување со локалните апликации на одговорните работници во библиотеките,
- внес на податоци и пребарување и во други писма (кирилица, грчко писмо, арапско писмо...),
- зголемување на флексибилноста на програмската поддршка од аспект на можност за имплементација надвор од Словенија,
- исписи во стандардни формати (SGML/HTML),
- уважување на објектниот пристап,
- трислојна концепција (кориснички интерфејс, работна логика и бази на податоци),
- што помала зависност од машинската опрема и оперативните системи,
- имплементација на технологии за апликациите Интернет/Интранет,
- имплементација на стандардот UNICODE (ISO 10646).
Со оглед дека на платформата COBISS2 постапките за заемна каталогизација, зајмување и OPAC се автоматизирани на задоволителен начин (со тоа што каталогизацијата и зајмувањето немаат графички интерфејс), на новата технолошка платформа COBISS3 најнапред се развиени сегментите кои сè уште не беа автоматизирани. Обновувањето на преостанатите програмски сегменти е во тек (COBISS3/Каталогизација, COBISS/OPAC).
За користење на програмската поддршка COBISS3 се потребни сервери кои се приклучени на Интернет со приклучок со брзина од најмалку 10Мb/s, а ист сервер можат да го користат повеќе библиотеки. За работните места во библиотеките, што ја користат програмската поддршка COBISS3, потребна е следната машинска опрема: PC со процесор со најмалку 400 MHz, дополнителни 128 MB RAM за потребите на COBISS3 и поврзување на мрежа со брзина барем 256 kb/s.
Заемна каталогизација
Онлајн заемната каталогизација е заснована врз кооперативно собирање и дистрибуирана обработка на податоци, што овозможува рационална поделба на работата и заштеда при покомплексна постапка на обработка на библиотечната граѓа. Секоја единица е доволно само еднаш да се обработи, по што записот, преку заемната (кооперативната) база на податоци COBIB, е онлајн достапен до сите учесници во системот.
За заемната каталогизација е карактеристична тесната поврзаност на локалните бази на податоци/каталози на поодделните библиотеки со заемната база на податоци/заемниот каталог.
Базите на податоци содржат библиографски записи за различен вид граѓа (монографски публикации, сериски публикации, интегрирачки извори, статии и други составни делови), за потребите на водење персонални библиографии на автори и записи за изведени дела.
За водење на библиографии на истражувачи во системот COBISS пропишана е единствена типологија на документи/дела врз основа на која се класифицираат библиографските единици. За секоја библиографска единица се одредува типот (оригинална научна статија, прегледна научна статија, стручна статија, научна или стручна монографија, научно или стручно излагање на конференција итн.) кој мора да е соодветен со важечката дефиниција.
Заемната база на податоци COBIB и сите локални бази на податоци на библиотеките учеснички имаат еднаква структура на библиографските записи и збирните податоци за фондот. Освен тие податоци, локалните бази на податоци содржат и еднозначно структурирани детални податоци за фондот, значајни за локалните функции на библиотеките и прикажувањето во системот COBISS/OPAC.
За размена на податоците во системот COBISS се користи форматот COMARC/B за библиографските и форматот COMARC/A за нормативните податоци, што се засновани врз форматот UNIMARC, потоа форматот COMARC/H за податоците за состојбата на фондот, кој го разви ИЗУМ. За меѓународна размена на библиографските податоци се користи форматот UNIMARC. При имплементацијата на клиентот Z39.50 е вградена конверзија од форматот MARC 21 во форматот COMARC, а при имплементацијата на серверот Z39.50 е вградена конверзија од форматот COMARC во форматот MARC 21.
Во процесот на онлајн заемната каталогизација, внесот на податоците се одвива преку локалните компјутерски системи (сервери). Така, на локалните системи се создаваат и се одржуваат локалните бази на податоци на библиотеките, а „истовремено“ на серверот на библиотечно-информацискиот сервис се формира заемната база на податоци COBIB. При тоа се изведува онлајн индексирање на околу 100 индекси за пребарување за библиографските податоци, нормативните податоци и за податоците на фондот.
Каталогизаторот кој сака да додаде запис во локалната база на податоци најнапред проверува дали библиографскиот запис веќе постои во заемната база на податоци COBIB. Ако записот постои, го пренесува во својата локална база на податоци и ги додава деталните податоци за фондот. Ако записот не постои во заемната база на податоци, каталогизаторот го креира во локалната база на податоци, по што тој запис програмски се пренесува и во заемната база на податоци.
Квалитетот, уедначеноста и конзистентноста на локалните бази на податоци и на заемната база на податоци COBIB се обезбедуваат на различни начини: со нормативна контрола на личните имиња на авторите, со контрола на дуплирани записи, со програмските контроли за форматите COMARC, со редакција на записите, со глобални шифрарници за сите стандардизирани податоци (на пр. држави, јазици, УДК), со локални шифрарници за сите податоци кои се уедначени во рамките на библиотеките (на пр. локации, интерни ознаки), со автоматски бројачи (на пр. инвентарни броеви, бројни ознаки во сигнатурата), со контрола на еднозначната идентификација на сериските публикации итн.; меѓутоа, тоа посебно се постигнува со систематско образование на креаторите на записите, кои заради тоа мора да добијат соодветна лиценца.
Ако библиотечно-информацискиот сервис има потпишан соодветен договор со Центарот за ISSN во Париз, при креирање на записите за сериски публикации како нормативна база се користи меѓународната база на податоци ISSN, од која релевантните податоци се пренесуваат во COBIB и во локалните бази на податоци. Исто така, можно е преземање на библиографските податоци од WorldCat преку OCLC серверот Z39.50, иако и во тој случај библиотечно-информацискиот сервис мора да има потпишано соодветен договор со OCLC.
Можни се и ретроспективни конверзии од машински читливи записи кои библиотеката ги направила пред вклучување во COBISS, во случај кога тие записи исполнуват минимални критериуми за квалитет и компатибилност со форматот COMARC. Конверзиите по правило се извршуваат само во локалните бази на податоци.
Големо внимание е посветено на изедначувањето на внесот и прикажувањето на локалните податоци кои се наменети за крајните корисници. Изедначеноста во голема мерка е обезбедена со форматот COMARC/H за податоците на фондот. Освен тоа, пред вклучување на одделна библиотека во вистинската околина на заемната каталогизација, библиотечно-информацискиот сервис со секоја библиотека поединечно се договара за начинот на внес на локалните податоци. Начинот на внесување податоци се прилагодува со цел што попријатно да се претстават на крајниот корисник, а истовремено се земаат предвид и специфичностите на организацијата на работењето во одделната библиотека.
COBISS/OPAC
COBISS/OPAC е мрежна апликација која на библиотекарите и на крајните корисници им овозможува мрежен пристап:
- до библиографско-каталошките бази на податоци во системот COBISS (COBIB и локалните бази на податоци на библиотеките),
- до другите бази на податоци COBISS (COLIB, CORES, CONOR, ELINKS, SGC),
- до специјализираните бази на податоци (на домашни и странски производители), на серверот на библиотечно-информацискиот сервис,
- до базите на податоци на оддалечените сервери Z39.50.
Пристапите до странските бази на податоци, по правило се уредуваат со конзорциски договори меѓу библиотечно-информацискиот сервис и понудувачите на базите на податоци, додека некои бази, пак, се достапни без ограничувања. Така на пример, во системот COBISS.SI, врз основа на конзорциски договори, на корисниците им се достапни:
- базите на податоци на информацискиот сервис OCLC FirstSearch (WorldCat, ArticleFirst, ProceedingsFirst и некои други),
- базите на податоци SwetScan со регистри за содржината на научните и стручните списанија,
- базите на податоци со импакт-фактор - Journal Citation Reports (JCR SE, JCR SSE),
- нормативната база на податоци на имиња на Конгресната библиотека (LC NAMES).
Од трите кориснички интерфејси на програмската поддршка COBISS/OPAC (telnet, Windows и мрежен) понатаму се развива само Web-интерфејс за повеќе јазични подрачја: домашен (словенечки, македонски, српски или босански) и англиски јазик.
Постапките за пребарување се прилагодени на различни степени на знаење на корисникот (основен, изборен и наредбен начин на пребарување).
Кај библиографско-каталошките бази на податоци во системот COBISS, основниот начин на пребарување овозможува пребарување по пет однапред определени полиња за пребарување (автор, наслов, година на издавање, клучни зборови, издавач). Во изборниот начин можеме да пребаруваме по 50 полиња за пребарување - дополнителни индекси. Во наредбениот начин пребаруваме со наредбата Select која овозможува употреба на Буловите (AND, OR, NOT) и на контекстните оператори (WITH, NEAR, SUBFIELD). Можен е испис на список на поими кои се појавуваат во базата на податоци, кратење на поимите за пребарување (зборови и фрази), ограничување на пребарувањето по јазик и вид на граѓата (сите видови граѓа, монографски публикации, сериски публикации, статии, сите видови граѓа и изведени дела и сл.), подредување на резултатите на пребарувањето итн. На располагање се пет различни формати за испис на библиографските податоци (скратен, кориснички, кориснички полн, каталожно картонче, COMARC), два формата за збирните податоци за фондот (скратен и полн) и еден формат за подеталните податоци за фондот.
Кај другите бази на податоци пребарувањето е прилагодено на нивните карактеристики, иако се изведува преку истиот кориснички интерфејс.
Крајните корисници и библиотеките можат да ги копираат записите од базата на податоци COBIB за лична употреба сообразно со условите за користење или за употреба во локалните библиотечни апликации, во сообразност со одредбите на посебни договори.
Ако библиотеката има автоматизирано зајмување на граѓата со програмската поддршка COBISS, преку COBISS/OPAC се обезбедува онлајн информација за достапноста на секој одделен примерок (дали граѓата е слободна или зајмена, рок на враќање). Корисниците, исто така, можат да видат која граѓа зајмиле, можат да го продолжат рокот за зајмување, да резервираат граѓа, да нарачаат граѓа во рамките на меѓубиблиотечното зајмување, да ја видат тековната состојба на долгот и побарувањата, како и да нарачаат услуги за електронско известување.
До библиографските бази на податоци COBISS може да се пристапи и преку серверот Z39.50.
Во договор со сервисот Google, можен е пристап до библиографските записи во заемната база на податоци COBIB и преку сервисот GoogleScholar. Во тој случај, покрај погодоците во GoogleScholar автоматски се испишува врска до соодветните записи во базата на податоци COBIB.
Локални апликации
COBISS3 (трета генерација)
Програмскиот сегмент COBISS3/Набавка ги вклучува сите постапки за набавка на граѓата (монографски публикации) и за водење на состојбата на финансиските средства во фондовите:
- избор за нарачување граѓа (внес и обработка на предлозите);
- купување граѓа што опфаќа нарачување на граѓата (обична нарачка, преднарачка, нарачка со прегледна доставница, нарачка „по клуч“), откажување на нарачка, претплата и прием на нарачаната граѓа, како и плаќање на примената граѓа (прием на фактурите и следење на состојбата во фондовите);
- рекламирање на непристигната граѓа, примена граѓа и примена фактура;
- нарачување, прием и испраќање на граѓа за размена, прием и испраќање на задолжителни примероци, прием на подароци и евидентирање на други начини на добивање граѓа;
- одржување на податоци за партнерите и фондовите, како и поставување на бројачи;
- испраќање нарачки до доставувачите според стандардот EDIFACT;
- испраќање списоци на задолжителен примерок во XML-облик и подготовка на списоци при прием.
Програмскиот сегмент COBISS3/Сериски публикации ги вклучува постапките за набавка на сериски публикации и за водење на состојбата на финансиските средства во фондовите:
- избор за нарачување граѓа;
- купување публикации што опфаќа нарачување на публикациите (трајна и годишна нарачка), откажување на нарачка, претплата и плаќање на публикациите, како и следење на состојбата во фондовите;
- креирање модели на излегување;
- контрола на приливот на граѓата со помош на моделот на излегување, со можност за централно евидентирање или евидентирање по оддели;
- рекламирање на свески што недостасуваат и на примена фактура;
- прием на публикации од размена, задолжителни примероци и подароци, како и други начини на прием;
- одржување на податоци за партнерите и фондовите, како и поставување на бројачи.
Програмскиот сегмент COBISS3/Фонд овозможува целосно управување со податоците за фондот:
- преземање на библиографски записи од заемната во локалната база на податоци;
- дополнување на полињата 610az, 675bs и 992bx;
- дополнување на локалните шифрарници;
- креирање и уредување на податоците за фондот непосредно во сегментот COBISS3/Фонд или програмски од сегментите COBISS3/Набавка и COBISS3/Сериски публикации;
- целосно поврзување со сегментот COBISS2/Каталогизација;
- постапки за доделување на инвентарни броеви и копирање на податоците за фондот;
- поставување на бројачите за инвентарен број, тековниот број во сигнатура и бројот за зајмување, како и можност за обликување на критериуми за автоматски избор на бројачи;
- одвоени постапки со посебни привилегии за помали промени на податоците за фондот (статуси, степени на достапност ...);
- испишување налепници за граѓата за време на уредувањето на податоците за фондот непосредно на печатач или преку исписни редови;
- пренос на податоците за фондот помеѓу библиографски записи;
- пребарување и работа со одделни податоци за фондот без библиографскиот запис;
- поддршка на изведувањето на постапката на инвентарирање.
Програмскиот сегмент COBISS3/Зајмување ги овозможува основните функционалности на зајмувањето:
- внесување, пребарување, промена на податоците или на бројот на членската карта;
- зајмување на граѓата дома, враќање на граѓата, продолжување на рокот за зајмување и промена на датумот на истекување;
- пребарување на граѓата, увид во состојбата на граѓата и внес на забелешки за граѓата;
- поставување на параметрите на зајмувањето (временски параметри, календар, начин на зајмување и други параметри);
- исписи и статистики за зајмувањето;
- потполно поврзување со сегментот COBISS2/Фонд;
- електронско известување на членовите за претстојно изминување на рокот за зајмување;
- поддршка на трајните резервации на сериските публикации.
Програмскиот сегмент COBISS3/Меѓубиблиотечно зајмување ги вклучува сите постапки во случај кога се појавува библиотеката во улога на нарачател на граѓа од други библиотеки, а исто така и постапки кога таа се појавува во улога на доставувач на граѓа од својот фонд. На библиотеките им овозможува:
- нарачување и откажување на нарачка, повторно нарачување, промена на доставувачот;
- обработка на нарачки преку COBISS/OPAC;
- прием на граѓата, рекламација;
- доставување на граѓата на нарачателот;
- враќање на граѓата;
- подготовка на разни известувања;
- подготовка на фактури и испис на книга на издадени фактури,
- електронско известување на корисниците за пристигната граѓа, нереализирано доставување и изминување на рокот за зајмување.
Програмскиот сегмент COBISS3/Исписи, кој претставува битен квалитативен скок, ги вклучува сите типични функционалности на генераторите на исписи. Библиотеките можат да користат типски исписи кои ги обликува ИЗУМ, а во иднина ќе можат да ги прилагодуваат тие исписи на своите потреби. При развивањето на програмската поддршка COBISS2, посебно голем број часови е потрошен токму за решавање на специфичните потреби за исписите во одделни библиотеки.
COBISS3/Управување со апликациите е сегмент кој на библиотеките им овозможува самостојно управување со локалните апликации:
- одржување на податоците за домашната библиотека и партнерите,
- одржување на податоците за вработените и нивните кориснички имиња и шифри,
- дефинирање на групи корисници на програмската поддршка,
- врска со централниот регистар на корисници.
COBISS2 (втора генерација)
Програмскиот сегмент COBISS2/Зајмување овозможува:
- запишување и одржување на податоците за членовите на библиотеката (со внес на броеви на упис или со употреба на бар код),
- зајмување и враќање на сите видови граѓа, продолжување на рокот на враќање, резервација, нарачување и евидентирање на изгубените примероци на граѓата (со внесувањe на инвентарни броеви, односно на броевите за зајмување или со употреба на бар код),
- преглед на локалните каталози со библиографски податоци и подетални податоци за фондот,
- увид во состојбата на граѓата (дали е граѓата слободна или зајмена, податоци за членот кој ја зајмил граѓата, рок на враќање итн.),
- изработка на опомени,
- систем на финансиско работење со можност за рачно или автоматско евидентирање на побарувањата (израмнувањето на побарувањата може да биде делумно или во целост готовинско или неготовинско); испис на различни потврди за членовите итн.,
- автоматизација на функциите на библиобусот, книгоматите и телефонскиот одѕивник.
Програмскиот сегмент COBISS2/Исписи поддржува изработка на разни исписи од локалните бази на податоци на библиотеките, а во некои случаи и од заемната база COBIB. Поголемиот број исписи е стандардизиран и прилагоден за одделeн вид граѓа, додека некои, исто така, се прилагодени за потребите на одделни библиотеки. Некои исписи, на пр. каталожните картончиња и библиографиите, ја вклучуваат и кирилицата. Програмскиот сегмент овозможува:
- изработка на разновидни каталожни картончиња за АИК, каталог на наслови, систематски (УДК) и предметен каталог;
- подготовка на персонални библиографии и библиографии на институции, како и на националната библиографија, разновидни списоци на новитети итн. (исписот на библиографските единици е можен во три облици: ISBD, ISO 690, IEEE, со апстракт или без него, во една или две колони, со регистар на наслови, имиња, предметен или УДК; можен е и пренос на библиографиите во форматите COBISS, HTML, LaTeX или XML);
- испис на инвентарни книги за одделeн вид граѓа, вклучен е и модулот за инвентарирање кој овозможува автоматизирано следење на состојбата, како и недостатокот и вишокот на граѓа;
- испис на налепници со бар-код за членовите на библиотеката и за граѓата;
- испис на списоци на отпишана граѓа како и листи на граѓата со определен статус;
- испис на разновидни листи на контролирани и неконтролирани предметни определници;
- изработка на разновидни исписи за потребите на координирана набавка на странски сериски публикации; тие исписи во Словенија ги користат библиотеките и надлежните министерства кои ја кофинансираат набавката на литература и базите на податоци;
- изработка на статистички прегледи за прираст на граѓата, зајмување на граѓата, посета на членовите, сите трансакции на зајмувањето итн.; можна е подготовка на статистики за повеќето полиња/потполиња од форматите COMARC/B и COMARC/H (оддел, намена, јазик, УДК, вид граѓа, категорија на членови, креатор на записот, начин на набавка, за ден, месец, година итн.); кај некои видови записи библиотекарите можат, преку параметарски датотеки, сами да ја дефинираат содржината и обликот на исписот;
- изработка на списоци на доставувачи, нарачки, рекламации и фактури за одделни видови граѓа (во рамките на функциите на набавка).
Други апликации
E-CRIS е мрежна апликација која овозможува воспоставување на национален информациски систем за истражувачката дејност со бази на податоци за истражувачите, истражувачките организации и за проектите. Структурата на податоците е усогласена со препораките на CERIF (Common European Research Information Format). Наведената апликација е резултат од искуството на ИЗУМ во развојот на информацискиот систем за истражувачката дејност во Словенија – SICRIS.
Библиографии на истражувачи е мрежна апликација која овозможува изработка на персонални библиографии за истражувачите, ако библиографските записи во базите на податоци COBIB, покрај вообичаените библиографски податоци, содржат и еднозначна идентификација на авторот (шифра на истражувачот) и ознака за типот на документот/делото за водење библиографии во системот COBISS. Со избирање на влезни параметри е можно обликување на разновидни исписи. Некои функции на таа апликација во Словенија се интегрирани во информацискиот систем за истражувачка дејност SICRIS и се користат при вреднување на библиографските показатели на истражувачката успешност на истражувачите.
Библиографии на прилози во сериските публикации е мрежна апликација која овозможува испис на библиографски единици, подредени по важечката типологија на документи/дела за водење на библиографиите во системот COBISS.
Најбарани книги е мрежна апликација која овозможува изработка на списоци на најчесто зајмувана граѓа во определен период (врз основа на податоците за зајмувањето во оние библиотеки кои имаат автоматизирано зајмување).
Библиотечен надоместок е мрежна апликација која овозможува изработка на списоци – статистики на зајмување на библиотечната граѓа по автори, кои се кандидати за паричен библиотечен надоместок врз основа на бројот на зајмувања на нивните дела во библиотеките (во согласност со критериумите кои ги определил надлежниот државен орган). Во системот COBISS.SI важи Правилникот за реализација на библиотечен надоместок го усвои Министерството за култура (списоците се изработуваат врз основа на библиографските записи од базата на податоци COBIB.SI, нормативните записи за имињата на авторите од базата на податоци CONOR.SI и архивските податоци за зајмувањата во јавните библиотеки во определениот период).
Образование и помош на корисниците
За одржување на оперативноста на поголем број компјутерски системи (сервери), на кои се одвиваат локалните апликации на словенечките библиотеки, се грижи ИЗУМ, кој на библиотеките им обезбедува помош и при изградбата на локалните мрежи и при набавката на компјутерска и комуникациска опрема. Опремата од поголемо значење се набавува централизирано според проекти финансирани од министерствата надлежни за библиотеките. На библиотечно-информациските сервиси во другите држави им препорачуваме на своите библиотеки да им обезбедат слична стручна помош.
Кога ќе потпише договор библиотеката за вклучување во националниот библиотечно-информациски систем (полноправно членство) веднаш се вклучува во програмата за обука за работа во COBISS. Курсевите кои се во врска со употребата на форматите COMARC/B и COMARC/H, како и со употребата на програмската поддршка, ги врши ИЗУМ или другите национални библиотечно-информациски сервиси, ако за изведување на одделни курсеви ги добиле потребните лиценци. Курсевите кои се поврзани со употребата на каталошките правила и другите библиотекарски стандарди ги изведува надлежната национална библиотека.
Во времето додека трае оспособувањето, библиотеката може да ги копира библиографските записи од заемната база на податоци COBIB во својата локална база на податоци и да им ги додава податоците за локалните потреби. Истовремено библиотеката работи во тестна средина во која каталогизаторите креираат библиографски записи кои потоа ги верификува националниот библиотечно-информациски сервис и националната библиотека. Врз основа на позитивната оценка, каталогизаторот добива дозвола (лиценца) за креирање и внесување записи во COBIB. Дозволата за заемна каталогизација, по правило, ја издава библиотечно-информацискиот сервис во согласност со националната библиотека.
Прирачниците за користење на програмската проддршка COBISS и нивните дополнувања ажурно се преведуваат на англиски и на српски или босански јазик.
На корисниците на програмската поддршка COBISS во Словенија и на библиотечно-информациските сервиси во мрежата COBISS.Net ИЗУМ им обезбедува помош по телефон од понеделник до петок од 7.30 до 21.00 и во саботите од 7.30 до 13.00 на телефонскиот број +386 (0)2 25 20 333.
За помош по електронска пошта, на располагање се адресите:
- cobissurgent@izum.si: само за ургентни побарувања
- cobisservis@izum.si: за сите други прашања во врска со функционирањето и развојот на системот и сервисот COBISS
На библиотеките надвор од Словенија стручна помош им обезбедуваат нивните национални библиотечно-информациски сервиси.
Заштита на авторските права на институциите учеснички
Правата на институциите учеснички се уредуваат со меѓународните конвенции и препораките на Европската унија, со законот за авторски и сродни права (copyright), со законот за индустриска сопственост, законот за заштита од конкуренција и со меѓусебни договори.
Во сообразност со тоа, националниот библиотечно-информациски сервис има авторско право на заемната база на податоци COBIB во целина, во вид на збирка на податоци, а истовремено, пак, не е сопственик на авторските права за кој било поединечен запис во таа база на податоци. Факт е дека поединечниот запис направен од одделен учесник во системот на онлајн заемна каталогизација, трајно е евидентиран во заемната база на податоци COBIB.
Учесниците, односно корисниците на поединечен систем COBISS, без претходна согласност од националниот библиотечно-информациски сервис, не смеат да пренесуваат машински читливи записи од системот COBISS во други бази на податоци и системи за автоматизација на локалните функции на библиотеките, или да ги наменат за продажба. Со записите кои сами ги креирале располагаат без ограничување само за оние намени кои не го загрозуваат интегритетот и концепцијата на развојот на поединечниот систем COBISS. Записите, преземени од COBIB и пренесени во други бази на податоци и системи, покрај ознаката на креаторот, мора да ја имаат и ознаката на COBISS, што означува дека потекнуваат од заемната база на податоци COBIB.
При користење на други бази на податоци, чија понуда врз основа на посебни договори со нивните произведувачи ги организира библиотечно-информацискиот сервис, важат истите ограничувања кои произлегуваат од спомнатите договори.
Сопственик на авторските права за програмската поддршка COBISS и прирачниците е ИЗУМ.
COBISS, COMARC, COBIB и COLIB се заштитени ознаки на ИЗУМ.
Секој библиотечно-информациски сервис мора да се грижи за заштита на информациската приватност на поединците во системот COBISS, така што ќе спречува незаконито и неовластено користење на личните податоци.
© IZUM, јуни 2008 г.
IZUM
Институт за информациски науки
(Institute of Information Science)
2000 Maribor, Prešernova 17, Slovenija
www.izum.si
македонски
english
slovenski
bosanski
srpski
shqip