Платформа COBISS - Кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси

Вовед

Во информатичкото општество, библиотеките се незаобиколни центри на знаењето, а нивната задача е и евидентирање на резултатите од „интелектуалната продукција“. Меѓутоа, својата улога не можат да ја извршуваат доколку нивното функционирање не е поддржано со современата информациска и комуникациска технологија. Исто така, не можат успешно да функционираат како осамени острови, туку мораат да се поврзуваат и на тој начин да обезбедуваат услови за дијалог и соработка како најдобра основа за развој на секоја држава и на меѓународната заедница во целост.

Заедницата на југословенските национални библиотеки во 1987 година го прифати системот на заемна каталогизација како заедничка основа на библиотечно-информацискиот систем и системот на научни и технолошки информации на Југославија, а улогата на носител на развојот на организациските решенија и на програмската поддршка ја презеде Институтот за информациски науки (ИЗУМ) од Марибор.

Во 1991 година ИЗУМ го промовираше системот COBISS (Кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси) како надградба на системот за заемна каталогизација. Тогаш започна да се користи истиот акроним и за соодветната програмска поддршка. Заради распадот на Југославија библиотеките надвор од Словенија потоа истапија од заедничкиот систем на заемна каталогизација, но постепено скоро сите ја обновија соработката со ИЗУМ и денес, во своите држави, градат автономни библиотечно-информациски системи врз платформата COBISS со заемна каталогизација во мрежата COBISS.Net.

COBISS.SI, COBISS.SR, COBISS.MK, COBISS.BH+COBISS.RS, COBISS.CG, COBISS.BG и COBISS.AL се ознаки за автономните библиотечно-информациски системи што се градат во одделни држави (Словенија, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија и Албанија). Во Босна и Херцеговина постојат два системa, бидејќи една од нејзините конститутивни единици (Република Српска) во 2013 година се одлучи за воспоставување на автономен систем COBISS.RS. Во Албанија, во моментот, системот COBISS.AL се воспоставува без соработка со националната библиотека.

Спогодбата за воспоставување на мрежата COBISS.Net и слободниот проток на библиографските записи коишто се креираат во автономните библиотечно-информaциски системи на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Словенија и Србија, беше потпишана во Белград во 2003 година. Во име на бугарските библиотеки, во 2006 година спогодбата ја потпиша и Националната библиотека на Бугарија. Во 2013 година, со потпишување на посебни изјави, одредбите на таа спогодба ги прифати и група библиотеки од Албанија. Националните библиотеки на Албанија и на Косово повеќе пати веќе беа поканувани да се придружат на проектот COBISS.Net, но досега тие одбиваа. Интересот на поголемиот дел од другите библиотеки е неспорен.

 

Организациски модел на системот COBISS

COBISS претставува организациски модел на поврзување на библиотеките во национален библиотечно-информациски систем со заемна каталогизација, заемна библиографско-каталошка база на податоци COBIB и локални бази на податоци на библиотеките учеснички, база на податоци за библиотеките COLIB, нормативна база на податоци CONOR, како и бројни други функции. Стручните основи и технолошките претпоставки за функционирање на системот се:

  • стандардизирана и заемна обработка на библиотечната граѓа и уедначено водење на каталозите и библиографиите,
  • соодветна оспособеност на стручните работници за заемна каталогизација,
  • компјутерска и комуникациска поврзаност на библиотеките.

Националниот библиотечно-информациски систем, врз платформата COBISS, заеднички го обликуваат националниот COBISS-центар и библиотеките како членки на системот.

Националниот COBISS-центар (НЦЦ) е библиотечно-информациски сервис со следните задачи:

  • планирање и усогласување на активностите во врска со поврзувањето на библиотеките во системот COBISS,
  • обезбедување на компјутерските капацитети за работа на системот и на централните сервиси,
  • обезбедување на програмската поддршка COBISS и корисничката документација за заемна каталогизација, за локално библиотечно работење и за други сервиси,
  • управување со заемната база на податоци COBIB,
  • организирање на образованието и стручната помош на библиотеките и на другите корисници на програмската поддршка и сервиси COBISS,
  • стручна помош на библиотеките при набавка, инсталирање и одржување на компјутерската опрема,
  • утврдување на оспособеноста на стручните библиотечни работници за учество во заемната каталогизација (во соработка со Националната библиотека),
  • стручна помош на библиотеките при конверзија и пренос на податоци од други системи.

Во Словенија, задачите на национален COBISS-центар ги извршува ИЗУМ, а во другите држави, по правило, тоа се одделенија на националните библиотеки.

Библиотеките, во рамките на библиотечно-информацискиот систем врз платформата COBISS, можат да имаат еден од следниве статуси:

  • статус на национална членка има националната библиотека која активно учествува во системот на заемна каталогизација и извршува посебни задачи (каталогизација на националната продукција, образование на библиотекарите, проверка на оспособеноста на креаторите на записите (каталогизаторите), контрола на квалитетот на обработката на граѓата итн.),
  • статус на полноправни членки имаат библиотеките што активно учествуваат во системот на заемна каталогизација и кои можат да внесуваат записи во заемната база на податоци, доколку нивните каталогизатори имаат соодветни дозволи/привилегии за заемна каталогизација. Доколку немаат такви привилегии, не можат да внесуваат записи во заемната база на податоци, но можат од таа база да преземаат записи и да ги зачувуваат во своите локални бази на податоци.

Со цел разгледување на прашањата во врска со развојот и функционирањето на националните библиотечно-информациски системи врз платформата COBISS, по правило се формираат Совети на членките на COBISS составени од претставници од различни групи библиотеки (национална, општи, високошколски, специјализирани, школски), според критериумот на вкупно внесени записи во заемната база на податоци COBIB.

Со националните COBISS-центри надвор од Словенија, ИЗУМ има потпишани рамковни договори, врз основа на кои им обезбедува:

  • техничко-технолошко знаење (know-how) за организирање и управување со библиотечно-информацискиот систем врз платформата COBISS,
  • програмската поддршка COBISS за автоматизација на библиотечните функции, која е оригинален производ на ИЗУМ, и
  • компјутерски капацитети за функционирање на системот и на централните сервиси (по потреба).

Со библиотеките од државите-учеснички ИЗУМ не соработува непосредно. Исклучок се, во моментот, библиотеките од Албанија, за кои улогата на национален COBISS-центар привремено ја извршува ИЗУМ.

Со националниот COBISS-центар библиотеките склучуваат договор за полноправно членство во националниот библиотечно-информациски систем, со кој се обврзуваат дека ќе ги почитуваат правилата на функционирање на системот и ќе плаќаат членарина, доколку тоа не е поинаку договорено (на пр. во Словенија дејноста на националниот COBISS-центар е скоро во целост финансирана од Министерството за образование, наука и спорт). Меѓу другото, членарината го вклучува и надоместокот за користење на програмската поддршка COBISS.

 

Технолошка платформа на системот COBISS

COBISS3 е трета генерација на програмската поддршка за автоматизација на библиотечното работење и пристап до различни бази на податоци, што ја развива и ја одржува ИЗУМ. Од страна на серверите се користат сервери со оперативен систем Windows и апликациски сервери во програмскиот јазик Java. Во заднина, на серверите со оперативен систем Linux за складирање на податоците се користи релационата база на податоци Oracle. Од страната на клиентите се користат апликации врз база на програмскиот јазик Java, па заради тоа за работните места во библиотеките можат да се користат персонални или преносни компјутери со различни оперативни системи (главно Windows, а донекаде и Linux и MаcOS). За непречена работа со програмската поддршка COBISS3 посоодветни се новите персонални компјутери со пристап до Интернет со брзина од најмалку 256 kb/s.

Архитектурните карактеристики на програмската поддршка COBISS3 се:

  • графички кориснички интерфејси,
  • можност за внес на податоци и пребарување и во кирилица,
  • користење на стандардот UNICODE (ISO 10646),
  • флексибилност при имплементација надвор од Словенија,
  • што помала зависност од машинската опрема и оперативните системи.

Програмската поддршка COBISS3 поддржува разновидни функции на библиотеките и националните COBISS-центри, со можност за избор на кориснички интерфејси на повеќе јазици (словенечки, српски, босански, македонски, бугарски, албански и англиски).

 

Заемна каталогизација (COBISS3/Каталогизација)

Заемната каталогизација овозможува рационална поделба на работата и заштеда при покомплексна постапка на обработка на библиотечната граѓа и водењето каталози. Секоја единица е доволно само еднаш да се обработи, по што записот, преку заемната библиографско-каталошка база на податоци COBIB, е достапен за сите учесници во системот и во мрежата COBISS.Net.

За заемната каталогизација е карактеристична тесната поврзаност на локалните бази на податоци (каталози) на поодделните библиотеки со заемната база на податоци (заемниот каталог).

Базите на податоци содржат библиографски записи за различен вид граѓа (монографски публикации, сериски публикации, интегрирачки извори, статии и други составни делови), за потребите на водење персонални библиографии на автори и записи за изведени дела.

За водење библиографии на истражувачи во системот COBISS е пропишана единствена типологија на документи/дела врз основа на која се класифицираат библиографските единици. За секоја библиографска единица се одредува типот (оригинална научна статија, прегледна научна статија, стручна статија, научна или стручна монографија, научно или стручно излагање на конференција итн.) соодветено со дефиницијата во пропишаната типологија.

Заемната база на податоци COBIB и сите локални бази на податоци на библиотеките учеснички имаат еднаква структура на библиографските записи и на збирните податоци за фондот. Освен тоа, локалните бази на податоци содржат и еднозначно структурирани детални податоци за фондот, значајни за локалните функции на библиотеките и за прикажувањето во системот COBISS/OPAC.

За размена на податоците во системот COBISS се користи форматот COMARC/B за библиографските податоци и форматот COMARC/A за нормативните податоци, што се засновани врз форматот UNIMARC, потоа форматот COMARC/H за податоците за фондот, што го разви ИЗУМ. За меѓународна размена на библиографските податоци се користи форматот MARC 21. Можни се конверзии на записите од форматот COMARC во форматот MARC 21 и обратно. Записите можат да се експортираат во структурата ISO 2709 (MARC 21, COMARC) или XML (Dublin Core, MODS, MARC 21, COMARC).

Во процесот на заемната каталогизација, податоците се внесуваат во локалните бази на податоци со истовремено ажурирање на заемната база на податоци COBIB. Притоа се врши индексирање на околу 100 индекси за пребарување на библиографските податоци, нормативните податоци и податоците на фондот.

Каталогизаторот, кој сака да додаде запис во локалната база на податоци, најнапред проверува дали библиографскиот запис веќе постои во заемната база на податоци COBIB. Ако записот постои, го пренесува во својата локална база на податоци и ги додава деталните податоци за фондот. Ако записот не постои во заемната база на податоци, каталогизаторот може да го преземе од мрежата COBISS.Net или од некоја од странските бази на податоци што се на располагање или го креира во локалната база на податоци, по што тој запис програмски се пренесува и во заемната база на податоци.

При креирање на записите за сериски публикации како нормативна база се користи меѓународната база на податоци ISSN, од која релевантните податоци се пренесуваат во COBIB и во локалните бази на податоци. Исто така, можно е преземање на библиографските податоци од WorldCat и од каталогот на Конгресната библиотека. За преземање на записи од WorldCat националниот COBISS-центар мора да има потпишано соодветен договор со OCLC.

Можни се и ретроспективни конверзии од машински читливи записи кои библиотеката ги направила пред вклучување во COBISS, во случај кога тие записи ги исполнуват минималните критериуми за квалитет и компатибилност со форматот COMARC. Конверзиите по правило се извршуваат само во локалните бази на податоци.

Квалитетот, уедначеноста и конзистентноста на локалните бази на податоци и на заемната база на податоци COBIB се обезбедуваат на различни начини: со нормативна контрола на личните имиња на авторите, со контрола на дупликати на записи, со програмските контроли за форматите COMARC, со редакција на записите, со глобални шифрарници за сите стандардизирани податоци (на пр. држави, јазици, УДК), со локални шифрарници за сите податоци што се уедначени во рамките на библиотеките (на пр. локации, интерни ознаки), со автоматски бројачи (на пр. инвентарни броеви, бројни ознаки во сигнатурата), со контрола на еднозначната идентификација на сериските публикации итн.; меѓутоа, тоа посебно се постигнува со систематично образование на креаторите на записите, како и со интеграција на документацијата за форматите COMARC во програмската поддршка.

Заемната каталогизација е многу сложена и одговорна работа која можат да ја извршуваат само за тоа оспособени и специјализирани библиотекари-каталогизатори. Имено, нивната работа влијае и врз работата на другите библиотеки и каталогизатори во системот.

Каталогизаторите кои сакаат да учествувааат во процесот на заемна каталогизација, како и да креираат и редактираат библиографски записи за заемната база на податоци, мораат:

  • да имаат универзитетско образование, насока библиотекарство, или да имаат друга насока на универзитетско образование и положен библиотекарски испит,
  • успешно да го завршат оспособувањето на курсевите според програмите за образование за заемна каталогизација, и
  • според пропишаната постапка да ги добијат потребните дозволи/привилегии за заемна каталогизација за одделен вид библиотечна граѓа.

За каталогизаторите кои само преземаат библиографски записи од заемната база на податоци COBIB во својата локална база на податоци, претходно наведените услови не се задолжителни. Тие само мораат да учествуваат на курсот за преземање записи и евидентирање на фондот.

Курсевите што се поврзани со користење на форматите COMARC/B, COMARC/A и COMARC/H, како и со користење на програмската поддршка COBISS, ги изведуваат националните COBISS центри, ако за изведувањето на одделни курсеви имаат добиено потребна дозвола од ИЗУМ. Курсевите што се поврзани со користење на каталошките правила и другите библиотечни стандарди, по правило ги изведува надлежната национална библиотека.

Дозволите за заемната каталогизација, по правило ги издаваат националните COBISS-центри во согласност со националната библиотека.

 

COBISS/OPAC

COBISS/OPAC е веб-апликација која на библиотекарите и на крајните корисници им овозможува пристап:

  • до библиографско-каталошките бази на податоци во системот COBISS (COBIB и локалните бази на податоци на библиотеките),
  • до другите бази на податоци COBISS (COLIB, CORES, CONOR, ELINKS, SGC),
  • до некои специјализирани бази на податоци (на домашни и странски производители),
  • до базите на податоци на оддалечените сервери Z39.50.

Пристапите до странските бази на податоци, по правило се уредуваат со конзорциски договори со понудувачите на базите на податоци, додека некои бази, пак, се достапни без ограничувања. Така на пример, во системот COBISS.SI, врз основа на конзорциски договори, на корисниците им се достапни:

  • базите на податоци на информацискиот сервис OCLC FirstSearch (WorldCat, ArticleFirst, ProceedingsFirst и некои други),
  • базите на податоци со импакт-фактор - Journal Citation Reports (JCR SE, JCR SSE),
  • нормативната база на податоци на имиња на Конгресната библиотека (LC NAMES).

Постапките за пребарување на библиографско-каталошките бази на податоци се прилагодени на различните степени на знаење на корисниците (основен, изборен и команден начин на пребарување). Основниот начин на пребарување овозможува пребарување по зборови и по фрази/изрази, а резултатите се подредени според значењето. Во изборниот начин може да се пребарува по 27 полиња за пребарување - дополнителни индекси. Во командниот начин може да се пребарува со командата Select која овозможува користење Булови (and, or, not) и контекстни оператори (with, near, subfield). Можен е испис на список на поими што се појавуваат во базата на податоци, кратење на поимите за пребарување (зборови и фрази), ограничување на пребарувањето по јазик и вид на граѓата, подредување на резултатите на пребарувањето итн. На располагање се три формати за испис на библиографските податоци (полн, ISBD, COMARC), еден формат за збирните податоци за фондот и еден формат за подеталните податоци за фондот.

Кај другите бази на податоци пребарувањето е прилагодено на нивните карактеристики, иако се изведува преку истиот кориснички интерфејс.

Корисниците можат да ги копираат записите од базата на податоци COBIB за лична употреба сообразно со условите за користење, а библиотеките можат да ги копираат записите за употреба во локалните библиотечни апликации, во сообразност со одредбите на посебни договори.

Ако библиотеката има автоматизирано зајмување на граѓата со програмската поддршка COBISS, COBISS/OPAC обезбедува информација за достапноста на поединечен примерок (дали е граѓата слободна или зајмена, рокот на враќање). Корисниците можат да ја погледнат историјата на зајмувањето, можат да го продолжат рокот за зајмување, да резервираат граѓа, да нарачаат граѓа во рамките на меѓубиблиотечното зајмување, да ја проверат тековната состојба на долговите и побарувањата, можат да ги намират ненамирените побарувања со помош на Монета (само во COBISS.SI), како и да нарачаат услуги за електронско известување.

На корисниците им е на располагање и модифицирана верзија на COBISS/OPAC за мобилни уреди, mCOBISS. Апликацијата ги користи предностите на современите телефони кои функционираат на системите Андроид (на пр. Samsung Galaxy, Sony Xperia, HTC One) или iOS (iPhone, iPad и iPod Touch). Бесплатната апликација за Андроид е на располагање во веб-продавницата Google Play, а за iOS во iTunes. Доколку мобилниот уред не ја поддржува апликацијата или корисникот не сака да ја инсталира, може да ја избере веб-верзијата на mCOBISS. mCOBISS овозможува:

  • пребарување на граѓата,
  • преглед на зајмената граѓа и продолжување на рокот за зајмување,
  • резервација на граѓата, преглед и откажување на резервација,
  • преглед на историјата на зајмувањето,
  • преглед на долгувања и ограничувања,
  • прием на е-известувања,
  • пребарување/прегледување на информации за библиотеките,
  • приказ на локацијата на библиотеките на карта и упатства за пат до избраната библиотека*,
  • преглед на најчитани книги,
  • изработка на сопствен список на омилени книги*,
  • отчитување на бар-кодови (ISBN и ISSN)*,
  • чување на корисничкиот профил (омилени библиотеки и податоци за упис)*,
  • посредување на информации за граѓата*.

(* само во апликациите за Андроид или iOS)

 

Локални апликации

Во рамки на локалните апликации големо внимание е посветено на изедначувањето на внесот и прикажувањето на локалните податоци што се наменети за крајните корисници. Изедначеноста во голема мера е обезбедена со форматот COMARC/H за податоците на фондот. Освен тоа, пред вклучување на одделна библиотека во системот, националниот COBISS-центар со секоја библиотека поединечно се договара за начинот на внесување на локалните податоци. Начинот на внесување податоци се прилагодува за што поедноставно претставување за крајните корисници, а истовремено се земаат предвид и специфичностите на организацијата на работењето во одделната библиотека.

Програмскиот сегмент COBISS3/Набавка ги вклучува сите постапки за набавка на граѓата (монографски публикации) и за водење на состојбата на финансиските средства во фондовите:

  • избор за нарачување граѓа (внес и обработка на предлозите),
  • купување граѓа што опфаќа нарачување на граѓата (обична нарачка, преднарачка, нарачка со прегледна доставница, нарачка „по клуч“), откажување на нарачка, претплата и прием на нарачаната граѓа, како и плаќање на примената граѓа (прием на фактурите и следење на состојбата во фондовите),
  • рекламирање на непристигната граѓа, примена граѓа и примена фактура;
  • нарачување, прием и испраќање на граѓа за размена, прием и испраќање на задолжителни примероци, прием на подароци и евидентирање на други начини на добивање граѓа,
  • одржување на податоци за партнерите и фондовите, како и поставување бројачи,
  • испраќање нарачки до доставувачите според стандардот EDIFACT;
  • испраќање списоци на задолжителен примерок во XML-облик и подготовка на списоци при прием.

Програмскиот сегмент COBISS3/Сериски публикации ги вклучува сите постапки за набавка на сериски публикации и за водење на состојбата на финансиските средства во фондовите:

  • избор за нарачување граѓа,
  • купување публикации што опфаќа нарачување на публикациите (трајна и годишна нарачка), откажување на нарачка, претплата и плаќање на публикациите, како и следење на состојбата во фондовите,
  • креирање обрасци на излегување,
  • контрола на приливот на граѓата со помош на обрасците на излегување, со можност за централно евидентирање или евидентирање по одделенија,
  • рекламирање на свески што недостасуваат и на примена фактура,
  • прием и испраќање на публикации за размена, прием и испраќање задолжителни примероци, прием на подароци, како и други начини на прием,
  • одржување на податоци за партнерите и фондовите, како и поставување на бројачи.

Програмскиот сегмент COBISS3/Фонд овозможува целосно управување со податоците за фондот:

  • преземање на библиографски записи од заемната во локалната база на податоци,
  • дополнување на ограничено множество библиографски податоци,
  • дополнување на локалните шифрарници,
  • креирање и уредување на податоците за фондот непосредно во сегментот COBISS3/Фонд или програмски од сегментите COBISS3/Набавка и COBISS3/Сериски публикации,
  • обликување комплети,
  • постапки за доделување инвентарни броеви и копирање на податоците за фондот,
  • поставување на бројачите за инвентарен број, тековниот број во сигнатура и бројот за зајмување, како и можност за обликување на критериуми за автоматски избор на бројачи,
  • одвоени постапки со посебни привилегии за помали промени на податоците за фондот (статуси, степени на достапност ...),
  • испишување налепници за граѓата за време на уредувањето на податоците за фондот непосредно на печатач или преку редици за испис,
  • пренос на податоците за фондот од еден на друг библиографски запис,
  • пребарување и работа со одделни податоци за фондот без библиографски запис,
  • прикажување на список на библиотеките што располагаат со одреден библиографски запис,
  • додавање на мултимедиска содржина.

Програмскиот сегмент COBISS3/Зајмување овозможува:

  • упис, пребарување, промена на податоците или на бројот на членската карта, бришење на податоците за членот, пакетно бришење на податоците за неактивни членови,
  • зајмување на граѓата надвор од библиотека или во читалница, враќање на граѓата, резервација на слободна и зајмена граѓа, резервација на граѓата за користење во читалница, продолжување на рокот за зајмување и промена на датумот на истекување,
  • пребарување на граѓата, увид во состојбата на граѓата (дали е граѓата слободна или зајмена, податоци за членот кој ја зајмил граѓата, рокот на враќање, список на резервации итн.) и внес на забелешки за граѓата,
  • поставување на параметрите на зајмувањето (временски параметри, календар, начин на зајмување, ценовник, ограничување на зајмувањето и други параметри),
  • одвоено водење евиденција на зајмувањето по одделенија и меѓуодделенско зајмување на граѓата (за библиотеките за кои зајмувањето е организирано по одделенија),
  • електронско известување на членовите за претстојно изминување на рокот за зајмување, за претстоен прием на опомена, за пристигната резервирана граѓа, изминување на важењето на резервацијата и изминување на членството,
  • поддршка на трајните резервации на сериските публикации,
  • изработка на опомени,
  • систем на финансиско работење со можности за рачно или за програмско евидентирање на побарувања, намирување на побарувањата (готовинско или неготовинско), заклучување на благајна, испис на различни потврди за членовите итн.

Програмскиот сегмент COBISS3/Меѓубиблиотечно зајмување овозможува:

  • обработка на примени COBISS3/МП-нарачки (нарачки пристигнати од други библиотеки кои го користат сегментот COBISS3/Меѓубиблиотечно зајмување),
  • обработка на примени нарачки преку COBISS/OPAC (нарачки од членовите на библиотеката),
  • пристап до каталогот на домашната библиотека и резервација на граѓата од домашната библиотека,
  • нарачување на граѓата кај доставувачите или во магацин, повторно нарачување, пренарачување,
  • откажување на нарачка кај доставувач или интерни нарачки,
  • евидентирање на приемот на граѓата од доставувачот или граѓа од домашната библиотека,
  • доставување граѓа на нарачателот,
  • враќање на граѓата од нарачателот и враќање на граѓата на доставувачот или во магацин,
  • подготовка на разни известувања за нарачателите и доставувачите,
  • подготовка на фактури за правни лица - партнери кои се појавуваат како нарачатели или плаќачи на услуги и испис на книга на издадени фактури,
  • електронско известување на корисниците за пристигната граѓа, нереализирано доставување и изминување на рокот за зајмување.

Програмскиот сегмент COBISS3/Исписи, е сегмент за генерирање разновидни исписи, кои можат да се отпечатат или да се испратат по е-пошта. Исписите се подготвуваат врз основа на податоците од сите сегменти на програмската поддршка COBISS3. Во сегментот COBISS3/Исписи постојат следните исписи:

  • исписи од библиографските и нормативните бази на податоци (исписи на записи во форматите COMARC, ISBD, GARE ...),
  • исписи од локалните апликации (набавка, сериски публикации, фонд, зајмување, меѓубиблиотечно зајмување):
    • статистики (во зајмувањето, во меѓубиблиотечното зајмување, во набавката, за фондот итн.),
    • документи (нарачки во набавката или за меѓубиблиотечното зајмување, фактура, доставница, различни видови известувања, рекламации, реверси во зајмувањето, прегледи за координација на набавката итн),
    • интерни документи/списоци (инвентарна книга, список на отпишана граѓа, книга на сигнатури, интерна нарачка, список за циркулација на сериски публикации, список на членови со зајмена граѓа, извештаи за ревизија/инвентар итн.),
    • налепници (за граѓата, за членска карта, со адреси на партнерите итн.).

Овој програмски сегмент овозможува и експорт на податоци за понатамошна обработка.

COBISS3/Управување со апликациите е сегмент кој на библиотеките им овозможува:

  • одржување на податоците за домашната библиотека и партнерите,
  • увид во податоците за корисниците на системот (врска со централниот регистар на корисници).

Други апликации

Библиографии на истражувачи е веб-апликација која овозможува изработка на персонални библиографии за истражувачите, ако библиографските записи во базите на податоци COBIB, покрај вообичаените библиографски податоци, содржат и еднозначна идентификација на авторот (шифра на истражувачот) и ознака за типот на библиографската единица според важечката типологија на документот/делото за водење библиографии во системот COBISS. Со избирање на влезни параметри е можно обликување на разновидни исписи. Некои функции на оваа апликација во Словенија се интегрирани во информацискиот систем за истражувачка дејност SICRIS и се користат при вреднување на библиографските показатели на истражувачката успешност на истражувачите.

Најчитани книги е веб-апликација која овозможува изработка на списоци на најчесто зајмувана граѓа во определен период (врз основа на податоците за зајмувањето во оние библиотеки што имаат автоматизирано зајмување).

Библиотечен надоместок е веб-апликација која овозможува изработка на списоци – статистики на зајмување на библиотечната граѓа по автори, кои се кандидати за паричен библиотечен надоместок врз основа на бројот на зајмувања на нивните дела во библиотеките (во согласност со критериумите што ги опредува надлежниот државен орган). Во системот COBISS.SI важи Правилникот за реализација на библиотечен надоместок што го усвои некогашното Министерството за култура (списоците се изработуваат врз основа на библиографските записи од базата на податоци COBIB.SI, нормативните записи за имињата на авторите од базата на податоци CONOR.SI и архивските податоци за зајмувањата во јавните библиотеки во определениот период).

Серверот Z39.50 и серверот SRW/SRU им овозможуваат на корисниците пристап до библиографските бази на податоци во системот COBISS врз основа на посебен договор со националниот COBISS-центар (за пристап до заемната база на податоци COBIB) или со одделна библиотека (за пристап до нејзината локална база на податоци).

Серверот LDAP им овозможува на библиотеките автентификација на корисниците на библиотеките при користење на нивните информатички услуги.

Серверот SIP2 овозможува приклучување на помошни уреди за зајмување на граѓата, како што се книгомати, телефонски автомати и други уреди што го поддржуваат протоколот SIP2.

 

Заштита на правата на институциите-учеснички

Правата на институциите-учеснички се уредуваат со меѓународните конвенции и препораките на Европската унија, со законот за авторски и сродни права (copyright), со законот за индустриска сопственост, законот за заштита од конкуренција и со меѓусебни договори.

Во сообразност со тоа, националниот COBISS-центар има авторско право на заемната база на податоци COBIB во целина, во вид на збирка на податоци, а истовремено, пак, не е сопственик на авторските права за кој било поединечен запис во таа база на податоци. Факт е дека поединечниот запис направен од одреден учесник во системот на заемна каталогизација, трајно е евидентиран во заемната база на податоци COBIB.

Учесниците, односно корисниците на поединечен систем COBISS, без претходна согласност од националниот COBISS-центар, не смеат да пренесуваат машински читливи записи од системот COBISS во други бази на податоци и системи за автоматизација на локалните функции на библиотеката или да ги наменат за продажба. Со записите што сами ги креирале располагаат без ограничување само за онаа намена која не го загрозува интегритетот и концепцијата на развојот на поединечниот систем COBISS. Записите, преземени од COBIB и пренесени во други бази на податоци и системи, покрај ознаката на креаторот, мора да ја имаат и ознаката на COBISS, што означува дека потекнуваат од заемната база на податоци COBIB.

При користење на други бази на податоци, чија понуда, врз основа на посебни договори со нивните произведувачи, ја организира националниот COBISS-центар, важат ограничувањата што произлегуваат од спомнатите договори.

Сопственик на авторските права за програмската поддршка COBISS и прирачниците COBISS е ИЗУМ. COBISS, COMARC, COBIB, COLIB и CONOR се заштитени трговски марки на ИЗУМ.

Секој национален COBISS-центар мора да се грижи и за заштита на информациската приватност на поединците во системот COBISS, така што ќе спречува незаконито и неовластено користење на личните податоци.

 

Помош на корисниците

На корисниците на програмската поддршка COBISS во Словенија и на националните COBISS-центри во мрежата COBISS.Net, ИЗУМ им обезбедува помош по телефон од понеделник до петок од 7.30 до 20.00 часот и во сабота од 7.30 до 13.00 часот на телефонскиот број +386 (0)2 25 20 333.

За помош по електронска пошта, на располагање е адресата podpora@izum.si

На библиотеките надвор од Словенија стручна помош им обезбедуваат нивните национални COBISS-центри.


© IZUM, март 2014 г.

IZUM
Институт за информациски науки
(Institute of Information Science)
2000 Марибор, Прешернова 17, Словенија

www.izum.si