COBISS.Net – поддршка на знаењето и на меѓукултурниот дијалог
Библиотеките во информациското општество
Знаењето е движечката сила на развојот. За информациското општество кое го поддржува развојот заснован врз знаење, библиотечно-информациските системи и информациските системи за истражувачката дејност претставуваат исклучително значајна инфраструктура без која не може да се замисли современото образование и истражувањата, ниту пак културниот, технолошкиот и економскиот развој. Библиотеките не можат да ја одиграат нивната улога доколку нивното функционирање не е поддржано со современа информациска и комуникациска технологија. Исто така, не можат успешно да функционираат како изолирани острови, туку мора да се поврзуваат и на тој начин да обезбедат услови за дијалог и соработка како најдобра основа за развој на секоја држава и на меѓународната заедница во целина.
Малку држави успеале да воспостават национални библиотечно-информациски системи со заемна каталогизација. Најчесто воспоставувањето на национален систем е оневозможено заради некоординирана автоматизација на одделни библиотеки со различна програмска поддршка, како и заради ресорната припадност на библиотеките на различни министерства, кои не соработуваат меѓусебно во планирањето на развојот на библиотеките.
Од концепција на системи COBISS до регионална библиотечна мрежа
COBISS (кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси) е референтен модел кој претставува платформа на националните библиотечно-информациски системи на Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија, поврзани во регионална мрежа COBISS.Net. За имплементација на системот COBISS се подготвуваат Бугарија, Албанија и Косово.
Системот COBISS е втемелен пред повеќе од дваесет години. Во декември 1987 година тогашната Заедница на југословенските национални библиотеки го прифати системот на заемна каталогизација како заедничка основа на библиотечно-информацискиот систем и системот на научни и технолошки информации на Југославија, а улогата на информациски и библиографски сервис и носител на развојот на организациските решенија и на програмската поддршка ја презеде Институтот за информациски науки (ИЗУМ) од Марибор (Словенија). Со значајна финансиска поддршка од тогашното Сојузно министерство за наука и технологија беше изградена компјутерската и библиотечната мрежа во која за време на распадот на Југославија во 1991 година беа вклучени 55 библиотеки од сите нејзини републики и покраини.
Библиотеките надвор од Словенија потоа излегоа од заедничкиот систем на заемна каталогизација, но постепено скоро сите ја обновија соработката со ИЗУМ, која денес се одвива преку националните библиотеки на државите учеснички. Исклучок се библиотеките во Република Хрватска кои следеа поинакви насоки на надредените државни институции.
Во 2003 година е потпишана Спогодба за воспоставување на мрежата COBISS.Net и слободниот проток на библиографски записи кои се креираат во автономните библиотечно-информациски системи на државите учеснички. Досега меѓу системите се разменети преку 200.000 библиографски записи, што претставува голема заштеда на време и трошоци.
COBISS.Net е информациска мрежа која обезбедува транспарентност на интелектуалната продукција во средините во кои во изминатиот период се создаваа изразито конфликтни концепти. Од тој аспект, меѓусебната поврзаност и размената на информации претставува значаен чекор во решавањето на конфликтите и зацврстувањето на мирот во регионот. Така, ширењето на мрежата COBISS.Net претставува и ефикасна поддршка на интеркултурниот дијалог, а со тоа и на меѓусебното разбирање и соработка на подрачјето на Западен Балкан.
Цели на проектот COBISS.Net – II фаза
Во март 2006 година директорите на националните библиотеки на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Словенија и Србија, и директорот на ИЗУМ, го прифатија projekt COBISS.Net – II. faza "Поддршка на знаењето и меѓукултурниот дијалог“ со следните цели:
- Да се забрза автоматизацијата и вклучувањето на библиотеките во државите учеснички во националните библиотечно-информациски системи и во мрежата COBISS.Net.
- Да се заинтересираат библиотеките во Албанија, Бугарија, Хрватска и на Косово да ја искористат можноста за побрз развој кој обезбедува вклучување во мрежата COBISS.Net.
- Да се хармонизираат правилата за обработка на библиотечната граѓа во согласност со меѓународните препораки и стандарди.
- Да се воспостават компатибилни информациски системи за истражувачката дејност во државите учеснички (базите на податоци за истражувачите, истражувачките организации и истражувачките проекти).
- Да се заинтересираат надлежните министерства и универзитетите во државите учеснички да го прифатат концептот на водење библиографии на истражувачи во рамките на националните библиотечно-информациски системи и на тој начин да обезбедат транспарентност на резултатите од истражувачката дејност.
- Да се забрза употребата на резултатите од истражувачката деност и на тој начин да се стимулираат иновациските процеси, како и економскиот и општествениот развој во регионот.
Што им нуди ИЗУМ на библиотеките во мрежата COBISS.Net?
ИЗУМ е непрофитна организација - јавна установа со 110 вработени, кои ниту надвор од Словенија не настапувала од тесни комерцијални позиции. На поширокиот простор со своите стручни и иновативни иницијативи ИЗУМ е присутен веќе две децении и за тоа време стекна широка доверба. Стана препознатлив регионален центар за развој на библиотечно-информациски системи, како и на системи за следење и евалуација на резултатите од истражувачката дејност во регионот. На библиотеките во мрежата COBISS.Net им нуди:
- Проверени организациски решенија и програмска поддршка COBISS за автоматизација на библиотечното работење со заемна каталогизација во мрежата COBISS.Net.
- Проверена методологија и програмска поддршка за водење библиографии на истражувачи во системот COBISS и апликација за воспоставување национален информациски систем за истражувачката дејност (SICRIS, E-CRIS).
- Разновидни програми за образование на кадарот (библиотекари и информатичари).
- Меѓународна конференција COBISS и организирање специјализирани работилници.
Програмската поддршка што ја развива и ја одржува ИЗУМ поддржува разновидни функции на библиотеките со кориснички интерфејс на повеќе јазици (словенечки, српски, босански, македонски и англиски). Во тек е преведувањето на бугарски и на албански јазик.
На стручните конференции COBISS повеќе од 15 години се собираат библиотекарите и информатичарите од регионот, а во одредени периоди тоа беа единствените допирни точки на кои, по драматичните конфликти меѓу државите во регионот, воопшто и се зачуваа некои контакти.
Меѓународна развојна помош
Локалните буџетски извори за финансирање вакви проекти се крајно ограничени и нивната реализација во почетните фази зависи од меѓународната помош.
Владата на Република Словенија во последните петнаесет години, преку различни облици на помош (непосредна финансиска помош, опрема, образование на кадар итн.), на државите учеснички им овозможи што е можно поорганизирано да пристапат кон изградба на своите кооперативни библиотечни системи и информациски системи за истражувачката дејност. Одделни развојни активности изминатите години ги поддржаа и австрискиот OOSI, British Council, Open Society Institute, EU – Tempus, CEI и UNESCO-ROSTE.
Нашите настојувања, во програмите за развојна помош на Западниот Балкан, Европската комисија да го вклучи и финансирањето на развојот на информациската инфраструктура, која се воспоставува со мрежата COBISS.Net, досега не вродија со плод. Во рамки на конференцијата COBISS 2006, меѓу другото, го организиравме и панелот COBISS.Net: „Програми на развојна помош на Југоисточна Европа за информациска инфраструктура на науката, образованието и културата“, на кој учествуваа претставници од DG Research, DG Education and Culture, претставници на надлежните министерства на државите учеснички и некои меѓународни организации. Сите го поддржаа проектот со суперлативи, но никој не знаеше да одговори на прашањето како да се добијат финансиски средства од ЕУ за еден таков проект.
Очекуваме дека ќе надвладее сознанието дека современата информациска мрежа може многу да придонесе за стабилизација на ситуацијата, интеркултурен дијалог и забрзан развој. И доколку Европската унија навистина има намера што поскоро да го исполни просторот помеѓу Словенија и Грција, таа мора во програмите за поддршка и во приоритетните услови да ја вклучи и библиотечната информациска мрежа во овој регион. По досегашните анализи и истражувања би морала да следи и конкретна поддршка на изградбата на библиотечната информациска структура.
Заклучок
COBISS.Net настана како заеднички проект на институциите кои во Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија ја презедоа одговорноста за развојот на националните библиотечно-информациски системи и информациските системи за истражувачката дејност. Поврзаноста на двата система е од посебно значење пр водењето библиографии на истражувачи и вреднувањето на резултатите од истражувачката дејност. Нашата досегашна соработка покажа исклучителни позитивни резултати, па сме убедени во големото значење и перспективноста на мрежата COBISS.Net за развој на регионот и неговата успешна интеграција во ЕУ.
македонски
english
slovenski
bolgarski
bosanski
srpski
shqip