COBISS - Кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси

Вовед

Во информациското општество, библиотеките се незаобиколни центри на знаењето, а нивната задача е и евидентирање на резултатите од "интелектуалната продукција". Меѓутоа, својата улога не можат да ја извршуваат доколку нивното функционирање не е поддржано со современата информациска и комуникациска технологија. Исто така, не можат успешно да функционираат како осамени острови, туку мораат да се поврзуваат и на тој начин да обезбедуваат услови за дијалог и соработка како најдобра основа за развој на секоја држава и на меѓународната заедница во целост.

Заедницата на југословенските национални библиотеки во 1987 година го усвои системот на заемна каталогизација како заедничка основа на библиотечно-информацискиот систем и системот на научни и технолошки информации на Југославија, а улогата на носител на развојот на организациските решенија и на програмската опрема ја презеде Институтот за информациски науки (ИЗУМ) од Марибор.

Во 1991 година ИЗУМ го промовираше системот COBISS (Кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси) како надградба на системот за заемна каталогизација. Тогаш започна да се користи истиот акроним и за соодветната програмска опрема. Заради распадот на Југославија библиотеките надвор од Словенија се исклучија од заедничкиот систем на заемна каталогизација, но постепено скоро сите ја обновија соработката со ИЗУМ и денес, во своите држави, градат автономни библиотечно-информациски системи врз платформата COBISS со заемна каталогизација во мрежата COBISS.net.

мрежата COBISS.net

COBISS.SI, COBISS.SR, COBISS.MK, COBISS.BH и COBISS.RS, COBISS.CG, COBISS.BG, COBISS.AL и COBISS.KS се ознаки за автономните библиотечно-информациски системи што се воспоставени во одделни држави (Словенија, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Албанија и Косово). Во Босна и Херцеговина постојат два системa (COBISS.BH и COBISS.RS), бидејќи една од нејзините конститутивни единици (Република Српска) во 2013 година се одлучи за воспоставување на автономен систем. Во Албанија улогата на национален COBISS-центар ја презеде Академијата на науки на Албанија. И во Косово системот COBISS.KS во моментот се воспоставува без учество на националната библиотека.

Спогодбата за воспоставување на мрежата COBISS.net и слободниот проток на библиографските записи коишто се креираат во автономните библиотечно-информaциски системи на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Словенија и Србија, беше потпишана во Белград во 2003 година.

Организациски модел на системот COBISS

COBISS претставува организациски модел на поврзување на библиотеките во национален библиотечно-информациски систем со заемна каталогизација, заемна библиографско-каталошка база на податоци COBIB и локални бази на податоци на библиотеките учеснички, база на податоци за библиотеките COLIB, нормативна база на податоци CONOR и бројни други функции. Стручните основи и технолошките претпоставки за функционирање на системот се:

  • стандардизирана и заемна обработка на библиотечната граѓа и уедначено водење на каталозите и библиографиите,
  • соодветна оспособеност на стручните работници за заемна каталогизација,
  • компјутерска и комуникациска поврзаност на библиотеките.

Националниот библиотечно-информациски систем, врз платформата COBISS, заједнички го обликуваат националниот COBISS-центар и библиотеките како членки на системот.

Националниот COBISS-центар (НЦЦ) е библиотечно-информациски сервис со следните задачи:

  • планирање и усогласување на активностите во врска со поврзувањето на библиотеките во системот COBISS,
  • обезбедување на компјутерски капацитети за работа на системот и на централните сервиси,
  • обезбедување на програмската опрема COBISS и корисничката документација за заемна каталогизација, за локално библиотечно работење и за други сервиси,
  • управување со заемната база на податоци COBIB
  • организирање обуки и стручна помош на библиотеките и другите корисници на програмската опрема и сервисите COBISS,
  • утврдување на оспособеноста на стручните библиотечни работници за учество во заемната каталогизација (во соработка со националната библиотека),
  • стручна помош на библиотеките при конверзија и пренос на податоците од други системи,
  • организирање пристап до странски информациски сервиси и бази на податоци врз основа на конзорциски договори.

Во Словенија задачите на национален COBISS-центар ги извршува ИЗУМ, а во другите држави, по правило, тоа се одделенија на националните библиотеки.

Библиотеките, во рамките на библиотечно-информацискиот систем врз платформата COBISS, можат да имаат еден од следниве статуси:

  • статус на национална членка има националната библиотека која активно учествува во системот на заемна каталогизација и извршува посебни задачи (каталогизација на националната продукција, образование на библиотекарите, проверка на оспособеноста на креаторите на записите (каталогизаторите), контрола на квалитетот на обработката на граѓата итн.),
  • статус на полноправни членки имаат библиотеките што активно учествуваат во системот на заемна каталогизација и кои можат да внесуваат записи во заемната база на податоци, доколку нивните каталогизатори имаат соодветни дозволи/привилегии за заемна каталогизација. Доколку немаат такви привилегии, не можат да внесуваат записи во заемната база на податоци, но можат од таа база да преземаат записи и да ги зачувуваат во своите локални бази на податоци.

Со цел разгледување на прашањата во врска со развојот и функционирањето на националните библиотечно-информациски системи врз платформата COBISS, по правило се формираат Совети на членките на COBISS составени од претставници од различни групи библиотеки (национална, општи, високошколски, специјализирани, школски), според критериумот на вкупно внесени записи во заемната база на податоци COBIB.

Со националните COBISS-центри надвор од Словенија, ИЗУМ има потпишани рамковни договори, врз основа на кои им обезбедува:

  • техничко-технолошко знаење (know-how) за организирање и управување со библиотечно-информацискиот систем врз платформата COBISS,
  • програмската опрема COBISS за автоматизација на библиотечните функции, која е оригинален производ на ИЗУМ, и
  • компјутерски капацитети за функционирање на системот и на централните сервиси (по потреба).

ИЗУМ не соработува непосредно со библиотеките од вклучените држави. Исклучок во моментов претставуваат библиотеките во Косово.

Со националниот COBISS-центар библиотеките склучуваат договор за полноправно членство во националниот библиотечно-информациски систем, со кој се обврзуваат дека ќе ги почитуваат правилата на функционирање на системот и ќе плаќаат членарина, доколку тоа не е поинаку договорено (на пр. во Словенија дејноста на националниот COBISS-центар е скоро во целост финансирана од Министерството за образование, наука и иновации). Меѓу другото, членарината го вклучува и надоместокот за користење на програмската опрема COBISS.

Платформа на системот COBISS

COBISS3 е трета генерација на програмската опрема за автоматизација на библиотечното работење и пристап до различни бази на податоци, која ја развива и ја одржува ИЗУМ, а во употреба е од 2000 година. Осмислена е модуларно и опфаќа девет сегменти: Каталогизација, Набавка, Сериски публикации, Електронски извори, Фонд, Зајмување, Меѓубиблиотечно зајмување, Управување со апликаците и Исписи.

Четвртата генерација на програмската опрема ја претставуваат веб-апликациите COBISS Cat и COBISS Lib. Во оваа генерација сегментот Каталогизација стана самостојна апликација COBISS Cat, а апликацијата COBISS Lib ги опфаќа останатите осум сегменти. Библиотеките започнаа да ги користат двете апликации во 2023 година.

Програмската опрема COBISS3 и апликациите COBISS Cat и COBISS Lib ги поддржуваат постапките во каталогизацијата и работните процеси на библиотеките и на националните COBISS-центри со можност за избор на корисничките интерфејси на повеќе јазици (словенечки, српски, босански, хрватски, црногорски, македонски, бугарски, албански и англиски).

Заемна каталогизација

Заемната каталогизација овозможува рационална поделба на работата и заштеда при комплексната постапка на обработка на библиотечната граѓа и водењето каталози. Секоја единица е доволно само еднаш да се обработи, по што записот, преку заемната библиографско-каталошка база на податоци COBIB, е достапен за сите учесници во системот и во мрежата COBISS.net.

За заемната каталогизација е карактеристична тесната поврзаност на локалните бази на податоци (каталози) на одделните библиотеки со заемната база на податоци (заемниот каталог).

Базите на податоци содржат библиографски записи за различен вид граѓа (книги, некнижна граѓа, сериски публикации, интегративни извори, статии и други составни делови), за потребите на водење персонални библиографии на автори и записи за изведени дела.

За водење библиографии на истражувачи во системот COBISS е пропишана единствена типологија на документи/дела врз основа на која се класифицираат библиографските единици. На секоја библиографска единица ѝ се одредува типот (изворна научна статија, прегледна научна статија, стручна статија, научна или стручна монографија, научно или стручно излагање на конференција итн.) соодветно со дефинициите во пропишаната типологија.

Заемната база на податоци COBIB и сите локални бази на податоци на библиотеките учеснички имаат еднаква структура на библиографските записи и на збирните податоци за фондот. Освен тоа, локалните бази на податоци содржат и еднозначно структурирани детални податоци за фондот, кои се значајни за локалните функции на библиотеките и за прикажувањето во COBISS+.

За размена на податоците во системот COBISS се користат форматот COMARC/B за библиографските податоци и форматот COMARC/A за нормативните податоци, кои се засноваат врз форматот UNIMARC, како и форматот COMARC/H за податоците за фондот, што е развиен од ИЗУМ. За меѓународна размена на библиографските податоци се користи форматот MARC 21. Можни се конверзии на записите од форматот COMARC во форматот MARC 21 и обратно. Записите можат да се извезуваат во структурата ISO 2709 (MARC 21, COMARC) или во XML (Dublin Core, MODS, MARC 21, COMARC).

Во процесот на заемна каталогизација библиографските податоци се внесуваат во локалните бази на податоци со истовремено ажурирање на заемната база на податоци COBIB, а нормативните податоци во две нормативни бази: за формална обработка (CONOR) и за содржинска обработка (предметни индекси на одделни држави). Притоа се врши индексирање со помош на околу 100 индекси за пребарување за библиографските податоци, и околу 60 за нормативните податоци.

Каталогизаторот, кој сака да додаде запис во локалната база на податоци, најнапред проверува дали библиографскиот запис веќе постои во заемната база на податоци COBIB. Ако записот постои, го пренесува во својата локална база на податоци. Ако записот не постои во заемната база на податоци, каталогизаторот може да го преземе од мрежата COBISS.net или од некоја од странските бази на податоци или да го креира во локалната база на податоци, по што тој запис програмски се пренесува и во заемната база на податоци.

При креирање записи за сериски публикации како нормативна база се користи меѓународната база на податоци ISSN, од која релевантните податоци се пренесуваат во COBIB и во локалните бази на податоци. Исто така, библиографски записи можат да се преземат и од каталогот WorldCat и од каталогот на Конгресната библиотека. За преземање на записи од каталогот WorldCat националниот COBISS-центар мора да има потпишан договор со OCLC.

Можни се и ретроспективни конверзии од машински читливи записи кои библиотеката ги направила пред вклучување во COBISS, доколку тие записи ги исполнуват минималните критериуми за квалитет и компатибилност со форматот COMARC. Конверзиите по правило се извршуваат само во локалните бази на податоци.

Квалитетот, уедначеноста и конзистентноста на локалните бази на податоци и на заемната база на податоци COBIB се обезбедуваат на различни начини: со нормативна контрола, со контрола на дупликати на записи, со програмски контроли за форматите COMARC, со редакција на записите, со глобални шифрарници за сите стандардизирани податоци (на пр. држави, јазици, УДК), со локални шифрарници за сите податоци кои се единствени во рамки на библиотеката (на пр. за УДК за статистика), со автоматски бројачи (на пр. за бројот за задолжителниот примерок), со контрола на еднозначната идентификација на сериските публикации итн., а пред сѐ со систематично образование на креаторите на записи и со интеграција на документацијата за форматите COMARC во програмската опрема.

Заемната каталогизација е многу сложена и одговорна работа која ја извршуваат оспособени и специјализирани библиотекари-каталогизатори. Нивната работа влијае и врз работата на сите библиотеки и каталогизатори во системот.

Каталогизаторите кои сакаат да учествувааат во процесот на заемна каталогизација, да креираат и да редактираат библиографски записи за заемната база на податоци, мораат да добијат барем дозвола А за заемна каталогизација на книги. Условите за добивање се пропишани во рамки на одделен систем COBISS, при што во сите системи е задолжително да го завршат барем курсот Каталогизација во системот COBISS – почетен курс.

Библиотекарите кои само преземаат библиографски записи од заемната база на податоци COBIB во својата локална база на податоци мора да ги завршат само курсевите за преземање записи и водење на фондот.

Курсевите што се поврзани со користење на форматите COMARC/B, COMARC/A и COMARC/H, како и со користење на програмската опрема COBISS, ги изведуваат националните COBISS-центри, ако за изведувањето на одделни курсеви имаат добиено потребна дозвола од ИЗУМ. Курсевите што се поврзани со користење на каталошките правила и другите библиотекарски стандарди, по правило ги изведува надлежната национална библиотека.

Дозволите за заемна каталогизација ги издаваат националните COBISS-центри, вообичаено со согласност на националната библиотека.

COBISS+

COBISS+ им овозможува на библиотеките и на корисниците на библиотеките онлајн пристап до следните бази на податоци:

  • заемната библиографско-каталошка база на податоци COBIB – заедничкиот каталог на библиотеките кои учествуваат во системот COBISS,
  • локалните бази на податоци – каталозите на одделните библиотеки во системот COBISS,
  • други бази на податоци во системот COBISS – специјализирани бази на податоци кои се дел од поединечните системи COBISS,
  • други информациски извори – странски и домашни специјализирани бази на податоци,
  • Unpaywall – база на научни статии со слободен пристап.

Во заемната библиографска база на податоци, локалните бази на податоци на библиотеките и другите бази на податоци може да се користи еден од следните начини на пребарување:

  • Основно пребарување – се внесува збор или фраза, се кликнува на ПРЕБАРАЈ со што се добиваат резултатите од пребарувањето.
  • Изборно пребарување – се користи образец за пребарување, избирате полиња за пребарување кои може да се комбинираат со логички оператори.
  • Командно пребарување – се формира барање за пребарување со правилна синтакса за пребарување, а притоа мора да ја познавате структурата на библиографските записи.

Го избирате оној начин на пребарување кој во дадениот случај најмногу ви одговара. Основното пребарување е наменето за општи прашања. Со изборното или командното пребарување со подетално обликување на барањето за пребарување можете повеќе да се приближите до саканите резултати.

Записите во библиографско-каталошките бази на податоци на системит COBISS ги изработуваат библиотекари. Основните видови граѓа по кои можете пребарувате се:

  • книги,
  • сериски публикации,
  • статии,
  • е-книги,
  • аудиокниги,
  • аудиозаписи,
  • видеозаписи и филмови,
  • е-видео,
  • картографска граѓа,
  • нотна граѓа,
  • сликовна граѓа,
  • играчки – предмети,
  • изведени дела.

Записите можат да содржат и линкови до целосни текстови.

COBISS+ е наменет за сите кои бараат податоци за граѓа или граѓа која е на располагање во библиотеките.

COBISS+ е слободно достапен.

Сите корисници можат без какви било ограничувања да пребаруваат по заедничкиот каталог на библиотеките COBIB (стандардно поставување), по локалните бази на податоци и по повеќето други бази на податоци. Пребарувањето е ограничено кај некои странски бази на податоци кај који треба да се почитуваат договори за лиценца со понудувачите, па затоа е неопходно авторизирано пријавување на корисникот.

COBISS+ овозможува пребарување и преглед на библиографските записи за граѓата. Записите можат да содржат и линкови до целосни текстови или други сервиси (на пр. електронски извори) надвор од апликацијата COBISS+. Таквите сервиси можат да имаат ограничувања со лиценца кои се врзани за договор помеѓу понудувачот на услугите и библиотеката која тие сервиси им ги нуди на корисниците. За пристап до лиценцираните извори е неопходно авторизирано пријавување на корисникот.

Во COBISS+ се вклучени следните специјализирани универзитетски портали:

Порталите се прилагодени на универзитетските околини за пребарување и пристап до содржините, како и на други алатки и помагала кои библиотеките кои управуваат со порталите им ги нудат на своите студенти, професори, истражувачи и други корисници, како поддршка на образовниот процес.

COBISS+ извршува и задачи на алатка за откривање информации кои им се многу потребни на корисниците на академско-истражувачките институции во Словенија. Интегрираниот индекс на електронски извори содржи повеќе од сто милиони записи за статии, е-списанија, е-книги, извештаи од истражувања, излагања на конференции, аудио и видео содржини и сл. од различни издавачи (Elsevier, Wiley, Springer Nature итн.), агрегатори (EBSCO, ProQuest итн.), понудувачи на бази на податоци (Web of Science, Scopus итн.) и други репозиториуми ширум светот. На студентите, истражувачите и останатите корисници на COBISS+ на тој начин им е овозможено пребарување на електронски содржини со слободен пристап или со лиценца во сите области од науката со линкови до граѓата (дури и до целосен текст).

Пристапот до лиценцираните содржини на кои библиотеките се претплатуваат поединечно или преку конзорциумски договори е овозможен врз основа на IP контрола на компјутерот и на далечина преку пријавување во COBISS+. Содржините со слободен пристап се слободно достапни со целосен текст за сите корисници.

Корисниците на располагање го имаати и mCOBISS. Станува збор за верзија на COBISS+ која е прилагодена за мобилни уреди. Апликацијата ги користи предностите на современите телефони кои работат на системите Android и iOS. Бесплатната апликација за Android може да се најде во интернет продавницата Google Play, а за iOS во iTunes. mCOBISS овозможува ограничено множество функционалности.

Дигитален репозиториум COBISS – dCOBISS

Дигиталниот репозиториум COBISS – dCOBISS е нова апликација која е наменета за чување на најчестите видови дигитални објекти и за управување со дигитални содржини. Достапна е за сите библиотеки во системот COBISS и е во целост интегрирана со другите сегменти на системот COBISS. За внес на содржини библиотекарот треба да има барем привилегија за внес на фондот во сегментот COBISS3/Фонд. Сите податоци кои се зачувани во репозиториумот dCOBISS им се достапни на корисниците на библиотеките во апликацијата COBISS+. Датотеките со слики можат да се користат како корица кај одделните записи при прикажување во COBISS+, а текстуалните датотеки можат да се пребаруваат и по целиот текст.

Репозиториумот dCOBISS им овозможува на академско-истражувачките институции во Словенија чување на објавите на истражувачите кои се со отворен пристап, како и на други податоци за проектите од кои е финансирана објавата, податоци за финансиерите, за плаќачите и за трошоците за објавите со отворен пристап. Овие информации се потребни за аналитика на отворениот пристап која им е потребна на Јавната агенција за научно-истражувачка и иновациска дејност на Република Словенија, универзитетите и другите словенечки истражувачки институции.

Некои од најзначајните функционалности на апликацијата dCOBISS се:

  • внес и управување со објавите (верзија на објавата, лиценца на објавата, датум на објавување, ембарго),
  • чување на дигиталните објекти (датотеки),
  • управување со проектите, финансиерите и плаќачите,
  • поддршка на синхронизацијата со локалните репозиториуми,
  • поддршка на приказот на кориците на записите во COBISS+,
  • индексирање на текстуалните содржини за потребите на пребарување по целосните текстови во COBISS+,
  • поврзување и преод во dCOBISS непосредно од апликацијата COBISS3/Каталогизација,
  • можност за пребарување по заемниот каталог COBIB и зачуваните податоци во dCOBISS.

COBISS3 и COBISS Lib – поддршка на работните процеси во библиотеката

Програмската опрема COBISS3 и нејзината следна генерација COBISS Lib обезбедуваат поддршка на работните процеси на библиотеката со функционалности во меѓусебно поврзаните сегменти Набавка, Сериски публикации, Електронски извори, Фонд, Зајмување, Меѓубиблиотечно зајмување, Управување со апликациите (во COBISS3), односно Поставувања и администрација (во COBISS Lib) и Исписи.

Cегментот Набавка ги вклучува сите постапки за набавка на граѓата (монографски публикации) и за водење на состојбата на паричните средства по конта:

  • избор за нарачување граѓа,
  • купување граѓа што опфаќа нарачување на граѓата, откажување на нарачка, авансно плаќање и прием на нарачаната граѓа, како и плаќање на примената граѓа и следење на состојбата на контата,
  • рекламација на непристигната граѓа, примена граѓа и примена фактура,
  • нарачување, прием и испраќање граѓа за размена, прием и испраќање задолжителни примероци, прием на подароци и евидентирање на други начини на набавка на граѓата,
  • одржување на податоците за партнерите и контата,
  • испраќање нарачки до добавувачите според стандардот EDIFACT,
  • поддршка за заедничка набавка (библиотеката купува граѓа за друга, партнерска библиотека, при што податоците автоматски се пренесуваат помеѓу базите на двете библиотеки),
  • испраќање списоци на задолжителни примероци во XML-облик.

Cегментот Сериски публикации ги вклучува сите постапки за набавка на сериски публикации и за водење на состојбата на паричните средства на контата:

  • избор за нарачување публикации,
  • купување публикации што опфаќа нарачување на публикациите со постојани и годишни нарачки, откажување нарачки, авансно плаќање и следење на состојбата на контата,
  • креирање обрасци на излегување,
  • контрола на прилив на граѓата врз основа на образецот на излегување, со можност за централно евидентирање или евидентирање по одделенија,
  • рекламација на свески кои недостасуваат и на примена фактура,
  • прием и испраќање на публикации за размена, прием и испраќање задолжителни примероци, прием на подароци и други начини на прием,
  • одржување на податоците за партнерите и контата.

Сегментот Електронски извори вклучува постапки за набавка на е-извори (е-книги, е-сериски публикации, бази на податоци, аудио-книги, е-видеа итн) кои се објавени на интернет или на компјутерски мрежи, како и постапки за водење на состојбата на паричните средства на контата:

  • купување е-извори што опфаќа купување пакети и лиценци за самостојни е-извори, авансно плаќање и плаќање на извори и следење на состојбата на контата,
  • врска со порталите за зајмување е-извори (е-книги, аудио-книги итн) кои можат да се поврзат со системот COBISS (автентикација по пријавување на членот на порталот со лозинка за Мојата библиотека и пренос на податоците за купување на лиценца, зајмување на е-книгата и предвремено враќање на е-книгата во системот COBISS),
  • евидентирање на задолжителниот примерок на електронските публикации,
  • оддржување на податоците за партнерите и контата.

Cегментот Фонд овозможува целосно управување со податоците за фондот што опфаќа:

  • преземање библиографски записи од заемната база на податоци во локалната база,
  • дополнување на ограничено множество библиографски податоци,
  • креирање и уредување на податоците за фондот непосредно во сегментот Фонд или програмски во сегментот Набавка и Сериски публикации,
  • инвентарирање и испишување налепници за граѓата непосредно на печатач или преку редици за испис,
  • одвоени постапки со посебни привилегии за следење само на одредени податоци за фондот (статуси, степен на достапност итн),
  • формирање комплети,
  • постапки за сериските публикации (обрасци на излегување, контрола на прилив итн),
  • водење фонд за интегративни извори,
  • додавање мултимедијална содржина,
  • проверување и избор на издвоена библиотечна граѓа,
  • уредување на податоците за координација на набавката на меѓународна научна литература и бази на податоци,
  • изведување инвентар кога е библиотеката отворена или затворена,
  • водење учебнички фонд во училишните библиотеки.

Cегментот Зајмување овозможува:

  • упис на членови во библиотеката, преку интернет или со пренос на податоци од референтна база на податоци за студенти, пребарување, промена на податоците или бројот на членската карта, испис на налепници за членска карта, потпишување со табличка за потпишување и електронско чување на обрасците за упис (пристапни изјави), бришење на податоците за членот, пакетно бришење податоци за неактивните членови,
  • зајмување граѓа надвор од библиотеката или за читалница, враќање на граѓата, евидентирање на губење на граѓа, продолжување на рокот за зајмување или промена на датумот на истекување,
  • резервација на слободна и зафатена граѓа, резервација на граѓа за користење во читалница, следење и обработка на резервациите на слободна граѓа, подигање на резервираната граѓа на различни места за подигање, пакетно бришење на истечени резервации,
  • пребарување на граѓата, увид во состојбата на граѓата (слободна или зајмена граѓа, податоци за членот кој ја зајмил граѓата, рок на враќање, список на резервации итн) и внес на забелешки за граѓата,
  • поставување на параметрите на зајмувањето (временски параметри, календар, ценовник, ограничување на зајмувањето, поставување обрасци за реверси, сметки и опомени и други параметри),
  • одвоено водење евиденција на зајмувањето по одделенија и за меѓуодделенско зајмување на граѓата (за библиотеки кои зајмувањето го организирале по одделенија),
  • водење евиденција на зајмувањето во мобилна библиотека (во библиобус),
  • електронско известување на членовите за претстојно изминување на рокот за зајмување, претстоен прием на опомена, пристигната резервирана граѓа, ненамирени побарувања, изминување на важење на резервација и истекување на членството,
  • формирање и испраќање општи и посебни известувања до членовите,
  • испраќање реверси на е-адресата на членот,
  • поддршка на трајните резервации на сериски публикации,
  • поддршка на зајмувањето инвентар,
  • изработка на опомени,
  • систем на финансиско работење со можност за рачно или програмско евидентирање на побарувања, намирување на побарувања (готовинско и неготовинско), заклучување благајна, испис на разновидни потврди за членовите итн.

Сегментот Меѓубиблиотечно зајмување ги вклучува сите постапки во кои библиотеката настапува во улога на нарачател на граѓа од други библиотеки и постапки во кои библиотеката настапува во улога на добавувач на граѓа од својот фонд. Библиотеката овозможува:

  • внес на примени барања за МЗ,
  • обработка на примените нарачки COBISS3/МЗ (нарачки од други библиотеки стигнати од сегментот Меѓубиблиотечно зајмување кои програмски се зачувуваат во базата на барања за МЗ),
  • обработка на примените нарачки COBISS+ (нарачки од членовите на библиотеката пристигнати од COBISS+ кои програмски се зачувуваат во базата на барања за МЗ),
  • пристап до каталогот на домашната библиотека и резервација на граѓата од домашната библиотека,
  • нарачување граѓа од добавувач или од магацин, повторно нарачување, преднарачување,
  • откажување нарачка кај добавувач или интерни нарачки,
  • евидентирање на прием на граѓа од добавувач или граѓа од домашната библиотека,
  • доставување граѓа до нарачателот,
  • враќање граѓа на нарачателот и враќање граѓа на добавувачот или во магацин,
  • подготовка и испраќање разновидни известувања до нарачателите и добавувачите,
  • размена на пораки за отворени нарачки за меѓубиблиотечно зајмување со нарачателите (членовите) преку COBISS+.

Сегментот Исписи е наменет за подготовка на разни видови исписи (на пр. списоци, статистики), испишување и испраќање на подготвените исписи, подготовка на содржината на исписот каде што е тоа овозможено и одредување на начинот на сортирање на податоците во статистиките. Исписите се подготвуваат врз основа на податоците од сите сегменти на програмската опрема COBISS3 и COBISS Lib – од библиографските и нормативните бази на податоци и од базите на податоци на локалните апликации. Видови исписи во овој сегмент:

  • исписи од библиографските и нормативните бази на податоци (исписи на записите во форматите COMARC, ISBD, GARE…),
  • исписи на деловните апликации (набавка, сериски публикации, електронски извори, фонд, зајмување, меѓубиблиотечно зајмување, управување со апликациите):
    • статистики (во зајмувањето, меѓубиблиотечното зајмување и набавка, за фондот итн),
    • статистики врз основа на кориснички дефинирани сортирања кои библиотеката ги прилагодува на своите потреби (во зајмувањето и за фондот),
    • документи (нарачка во набавката или за меѓубиблиотечно зајмување, фактура, доставница, различни видови известувања и рекламации, реверс во зајмувањето, прегледи за координација на набавката итн),
    • интерни документи и списоци (инвентарен број, список на отпишана граѓа, сигнатурна книга, интерна нарачка, список за циркулација на сериски публикации, список на членови со зајмена граѓа, извештаи за инвентар итн),
    • налепници (за граѓа, за членска карта, со адреси на партнерите).

Дел од овој сегмент претставува и извозот на податоци за понатамошна обработка.

Сегментот Управување со апликациите на библиотеките им овозможува:

  • одржување на податоците за домашната библиотека и за партнерите (врска со базата на податоци COLIB),
  • увид во податоците за корисниците на системот.

Во COBISS Lib функционалностите на сегментота Управување со апликациите се вклучени во сегментот Поставувања и администрација. Во него се додадени функционалностите за:

  • уредување на поставувањата (локални шифрарници, уредувач на редиците за испис, поставување дестинации итн),
  • преглед на обработката на личните податоци,
  • известување и следење на пораки и известувања,
  • пристап до техничките информации (увид во грешките на серверот, дневник на активности итн).

Други апликации

Интернет апликацијата Библиографии овозможува врз основа на библиографските единици на авторите обработени во системот COBISS да се подготвуваат различни верзии на испис на персонални библиографии од системот COBISS и од системот SICRIS. Од системот COBISS може да се подготвува испис на персонална библиографија за кој било автор или сериска публикација. Од системот SICRIS за истражувачи и други ентитети (на пр. за истражувачки организации, проектни групи итн) може да се подготвуваат персонална или групна библиографија, библиографија евалуирана спрема методологијата АРИС, исписи за потребите за избор во звање на универзитетите и исписи на цитираност. Со избор на влезни параметри можат да се формираат различни исписи.

Најчитани книги е веб-апликација за правење списоци за најчесто зајмувана граѓа во одреден период (врз основа на податоците за зајмувањето во оние библиотеки кои имаат автоматизирано зајмување).

Библиотечен надоместок е веб-апликација која овозможува правење списоци – статистика на зајмувања на библиотечната граѓа по автори кои се кандидати за паричен библиотечен надоместок врз основа на бројот на зајмувања на нивните дела во библиотеките (во согласност со критериумите кои ги одредува надлежен државен орган). Во системот COBISS.SI се применува Правилникот за изведување библиотечен надоместок кој го усвои Министерството за култура (списоците се прават врз основа на библиографските записи од базата COBIB.SI, нормативните записи за имиња на авторите од базата на податоци CONOR.SI и архивските податоци за зајмувањата во општите библиотеки во одреден период).

Серверите Z39.50, SRW/SRU им овозможуваат на корисниците пристап до библиографските бази на податоци во системот COBISS врз основа на посебен договор склучен со националниот COBISS-центар (за пристап до заемната база на податоци COBIB) или со поединечна библиотека (за пристап до нејзината локална база на податоци).

Серверот LDAP им овозможува на библиотеките автентикација на корисниците на библиотеката при користење на нејзините информациски извори.

Серверот SIP2 овозможува приклучување на помошни уреди за зајмување на граѓата, како што се книгомати, телефонски автомати и други уреди кои го поддржуваат протоколот SIP2.

Заштита на правата на институциите-учеснички

Правата на институциите-учеснички се регулираат со меѓународните конвенции, директиви и уредби на Европската унија, со законот за авторски и сродни права (анг. copyright), со законот за индустриска сопственост, законот за заштита од конкуренција и со меѓусебни договори.

Во сообразност со тоа, националниот COBISS-центар има авторско право на заемната база на податоци COBIB во целост, во вид на збирка на податоци, а истовремено, пак, не е сопственик на авторските права за кој било поединечен запис во таа база на податоци. Факт е дека поединечниот запис направен од одреден учесник во системот на заемна каталогизација, трајно е евидентиран во заемната база на податоци COBIB.

Учесниците, односно корисниците на поединечен систем COBISS, без претходна согласност од националниот COBISS-центар, не смеат да пренесуваат машински читливи записи од системот COBISS во други бази на податоци и системи за автоматизација на локалните функции на библиотеката или да ги наменат за продажба. Со записите што сами ги креирале располагаат без ограничување само за онаа намена која не го загрозува интегритетот и концепцијата на развојот на поединечниот систем COBISS. Записите кои се преземени од COBIB и се пренесени во други бази на податоци и системи, покрај ознаката на креаторот, мора да ја имаат и ознаката COBISS, што означува дека потекнуваат од заемната база на податоци COBIB.

При користење на други бази на податоци, чија понуда, врз основа на посебни договори со нивните произведувачи, ја организира националниот COBISS-центар, важат ограничувањата што произлегуваат од наведените договори.

Сопственик на авторските права за програмската поддршка COBISS и прирачниците COBISS е ИЗУМ. COBISS, COMARC, COBIB, COLIB и CONOR се заштитени трговски марки на ИЗУМ.

Секој национален COBISS-центар мора да се грижи и за заштита на информациската приватност на поединците во системот COBISS, така што ќе спречува незаконито и неовластено користење на личните податоци.

Помош на корисниците

На корисниците на програмската поддршка COBISS во Словенија и на националните COBISS-центри во мрежата COBISS.net, ИЗУМ им обезбедува помош по телефон од понеделник до петок од 7.30 до 20.00 часот и во сабота од 7.30 до 13.00 часот на телефонскиот број +386 (0)2 25 20 333.

За помош по електронска пошта на располагање е адресата podpora@izum.si.

На библиотеките надвор од Словенија стручна помош им обезбедуваат нивните национални COBISS-центри.

Aприл 2024 г.