Поддршка на знаењето и на меѓукултурниот дијалог

Библиотеките во информациското општество

Знаењето е движечката сила на развојот. За информациското општество кое го поддржува развојот заснован врз знаење, библиотечно-информациските системи и информациските системи за истражувачката дејност претставуваат исклучително значајна инфраструктура без која не може да се замисли современото образование и истражувањата, ниту пак културниот, технолошкиот и економскиот развој. Библиотеките не можат да ја одиграат својата улога доколку нивното функционирање не е поддржано со современа информациска и комуникациска технологија. Исто така, не можат успешно да функционираат како изолирани острови, туку мора да се поврзуваат и на тој начин да обезбедат услови за дијалог и соработка како најдобра основа за развој на секоја држава и на меѓународната заедница во целина.

Малку држави успеале да воспостават национални библиотечно-информациски системи со заемна каталогизација. Најчесто воспоставувањето на национален систем е оневозможено заради некоординирана автоматизација на одделни библиотеки со различна програмска поддршка, како и заради ресорната припадност на библиотеките на различни министерства, кои не соработуваат меѓусебно во планирањето на развојот на библиотеките.

Од концепција на системи COBISS до регионална библиотечна мрежа

COBISS (кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси) е модел на систем кој претставува платформа на националните библиотечно-информациски системи во Словенија, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Албанија и Косово. Сите наведени системи се поврзани во регионална мрежа COBISS.net, а отворен е и повикот до библиотеките во Хрватска.

Клучните карактеристики на интегрираното водење на библиотечните каталози и библиографии на истражувачи се:

  • рационализација и додадена вредност,
  • посложено образование на библиотекарите,
  • повисок квалитет на библиографските записи и мултифункционалност,
  • транспарентност на резултатите од истражувачката дејност.

Во 1987 година системот COBISS беше основан од Институтот за информациски науки (ИЗУМ) од Марибор кој, како носител на развојот на библиотечно-информациските системи, се потврди уште во поранешна Југославија, а по општествените промени во деведесеттите години на минатиот век во таа улога го прифатија поширок круг на држави во Југоисточна Европа. Во 2003 година беше потпишана Спогодба за воспоставување на мрежата COBISS.net и за слободен проток на библиографските записи што се креираат во автономните библиотечно-информациски системи на државите-учеснички. Меѓу нив досега се разменети преку 500.000 библиографски записи. Кон крајот на 2015 година, во 7 заемни бази на податоци COBIB имаше вкупно 10 милиони библиографски записи, а во локалните бази на податоци повеќе од 780 библиотеки преку 23 милиони библиографски записи. Библиотеките во 2015 година во просек креирале само 25% нови записи, презеле 75% записи, што претставува голема заштеда на време и пари. Воедно, COBISS.net претставува облик на културна соработка која е особено добредојдена во регионот, бидејќи придонесува за меѓусебно разбирање и дијалог.

Цели на проектот COBISS.net

Во март 2006 година директорите на националните библиотеки на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Словенија и Србија, и директорот на ИЗУМ, го прифатија Проект COBISS.net - II. фаза: Поддршка на знаењето и меѓукултурниот дијалог“, со повик до библиотеките во регионот да му се придружат. Во ноември 2006 година се придружи и Националната библиотека на Бугарија, во декември 2012 година, со потпишување на посебен договор со ИЗУМ, и Библиотеката на Академијата на науки на Албанија, а потоа и повеќе библиотеки од Албанија. Цели на проектот се:

  1. Да се забрза автоматизацијата и вклучувањето на библиотеките во државите учеснички во националните библиотечно-информациски системи и во мрежата COBISS.net.
  2. Да се заинтересираат библиотеките во Албанија, Бугарија, Хрватска и на Косово да ја искористат можноста за побрз развој што го обезбедува вклучувањето во мрежата COBISS.net.
  3. Да се хармонизираат правилата за обработка на библиотечната граѓа во согласност со меѓународните препораки и стандарди.
  4. Да се воспостават компатибилни информациски системи за истражувачката дејност (SICRIS, E-CRIS) во државите учеснички (бази на податоци за истражувачите, истражувачките организации и истражувачките проекти).
  5. Да се заинтересираат надлежните министерства и универзитетите во државите учеснички да го прифатат концептот на водење библиографии на истражувачи во рамките на националните библиотечно-информациски системи и на тој начин да обезбедат транспарентност на резултатите од истражувачката дејност.
  6. Да се забрза употребата на резултатите од истражувачката дејност и на тој начин да се стимулираат иновациските процеси, како и економскиот и општествениот развој во регионот.

Што им нуди ИЗУМ на библиотеките во мрежата COBISS.net?

ИЗУМ е непрофитна организација - јавна установа со преку 110 вработени, која ниту во Словенија, ниту надвор од неа никогаш не застапувала тесни комерцијални интереси. На поширокиот простор, со своите стручни и иновативни иницијативи ИЗУМ е присутен веќе четврт век и за тоа време стекна широка доверба. Стана препознатлив регионален центар за развој на библиотечно-информациски системи и информациски системи за истражувачката дејност, што беше препознаено и од УНЕСКО, кој на ИЗУМ на генералното собрание во ноември 2011 година му додели статус на регионален центар на УНЕСКО. ИЗУМ на библиотеките во мрежата COBISS.net им нуди:

  1. 1.Проверени организациски решенија и програмска поддршка COBISS за автоматизација на библиотечното работење со заемна каталогизација во мрежата COBISS.net и пристап до меѓународниот каталог WorldCat (OCLC).
  2. 2.Проверена методологија и програмска поддршка за водење библиографии на истражувачи во системот COBISS, како и апликации за воспоставување национален информациски систем за истражувачката дејност (SICRIS, E-CRIS) и евалуација на резултатите од научно-истражувачката дејност.
  3. 3.Разновидни програми за образование на кадарот (библиотекари и информатичари), организација на специјализирани работилници и меѓународни конференции COBISS.
  4. 4.Капацитети на сервери за апликациите и сервисите COBISS, SICRIS и E-CRIS.

Програмската поддршка што ја развива и ја одржува ИЗУМ поддржува разновидни функции на библиотеките со кориснички интерфејс на повеќе јазици (словенечки, српски, босански, македонски, бугарски, албански и англиски).

Планираната потесна соработка на ИЗУМ со OCLC ќе обезбеди дополнителни можности за ефикасно задоволување на потребите на библиотеките и на потребите на крајните корисници на информациски извори и сервиси.

Заклучок

COBISS.net е потврден проект на меѓународна развојна соработка во градењето на национални библиотечно-информациски системи и информациски системи за истражувачката дејност. Поврзаноста на двата система е од посебно значење при водењето библиографии на истражувачи и вреднувањето на резултатите од истражувачката дејност. Досегашната соработка покажа исклучителни позитивни резултати, па затоа сме убедени дека мрежата COBISS.net има големо значење за развојот на регионот и неговата успешна интеграција во ЕУ.